Оваа година се одбележува една деценија откако Michael Bay почна да работи на Transformers франшизата.  Кога во 2007 година автоботите се симнаа од полиците со играчки и влегоа на големото платно, тие станаа еден од најголемите филмски серијали. Можеби критичарите не ги сакаа, но на публиката им легнаа на срце и на кината им легнаа на џебот, со надминати милијарда долари во бокс-офисот за последните две продолженија.

Bay ќе ја одбележи деценијата со тоа што по петти пат ќе седне на режисерското столче за Transformers: The Last Knight, заедно со Mark Wahlberg во главната улога. На официјалната Facebook страна за филмот веќе е објавено е сижето, според кое автоботите овој пат ќе се борат во епска битка во стилот на легендарниот Крал Артур, а главниот негативец е – Optimus Prime?!

Клучните елементи се сé уште присутни – два завојувани светови, клучот за разрешување на конфликтите се крие во минатото, мала група херои се единствена надеж на човештвото…јасно ви е како оди понатаму. Она што носи бран свежина во целата игранка се коментарите дека ова издание ќе ги „разбие митовите“ кои ни се веќе познати, како и учеството на Sir Anthony Hopkins во филмот, овој пат во позитивна улога, за промена.

Првиот трејлер за Transformers: The Last Knight јавно ќе биде пуштен за време на 51-от Super Bowl. Иако и за претходните филмови беше најавувана „свежа содржина“ и „нешто невидено“, едно е сигурно – на 23 јуни сигурно можеме да очекуваме уште една добитна комбинација од Michael Bay.

Претходна статијаРСБСП совети – возење во услови на магла
Следна статијаПродажбата на таблети продолжува да опаѓа, iPad и натаму најпродаван