*ВНИМАВАЈТЕ, СПОЈЛЕРИ*

Замислете си ја следнава ситуација: се будите од сон, длабоко во вселената, на вселенски брод кој тргнал кон нова планета. Но нешто тргнало наопаку и само вие сте разбудени 90 години пред време на пат кој треба да трае 120 години. Дали, откако ќе издржите една година самотија, ќе сторите сé што можете да се вратите во хибернација, или ќе си разбудите придружба?

Ова е дел од приказната во Passengers, новиот sci-fi блокбастер кој пристигнува во кината на два дена пред крајот на оваа година. Chris Pratt (Star Lord, Guardians of The Galaxy) го глуми Џим, инженер од ниска класа, кој се буди 30 години по тргнувањето на бродот Avalon кон новата колонија Homestead 2. Го пречекува плејада медицински роботи, кои тврдат дека нема проблем со неговата капсула за хибернација, а тој самиот не може да се врати во неа. Поминува цела година сам на огромната вселенска „луксузна јахта“, каде што единствен придружник му е барменот Артур, андроид, кој го игра Michael Sheen (Lucian, Underworld), пред да ја забележи Аурора (Jennifer Lawrence – Mystique, X-Men First Class). Тука настапува етичката дилема – дали да си ги скрати маките или да ја разбуди прекрасната писателка од хибернација за да му прави друштво?

Оттука натаму Passengers има многу сличности со славниот Titanic: дејствието се одвива на брод кој треба да е неуништливо инженерско достигнување, но всушност е исклучително ранлив. Приказната е тажна. Вклучува секс. Нараторот е жена, и уште ред други работи.

Една работа која го прави Passengers да е полош од Titanic е крајот! Додека во Titanic Џек се обидуваше да се спаси заедно со Роуз, но некако немаше место (да бидеме реални, имаше), во Passengers Џим се обидува да ја смести Аурора во капсула, но таа е категорична дека доколку тој загине, ќе умре и таа, бидејќи „го сака и не може да живее без него“ (читај: си пати од Стокхолмов Синдром) и гинат двајцата?!

Навистина ужасен крај за филм кој можел да биде многу по океј. Да речеме, можеле да хибернираат во капсулата на смени, тој еден месец, таа еден месец; на крај ќе остареле само 40тина години, што и не е така страшно. Можеби нема да имаат уште многу време,  ама барем ќе си поживеат на новата колонија.

Ама не. Ова е полошата верзија на Titanic, трагедија предизвикана од себичност, лошо донесени одлуки и ужасен тајминг. Завршната сцена ми ги врза двата филма во глава можеби засекогаш, а вие пресудете сами.

Претходна статијаМожно одложување на претставувањето на Galaxy S8 до април идната година
Следна статијаGoogle Maps ќе дава информација за локации кои се пристапни за лица со инвалидски колички