Да не се лажеме – 2016 беше тиња година. Додека седиме во нашите домови и чекаме да не удри следната трагедија (не дека ги немаше досега), добро би било да погледнеме што не очекува оваа година.

Прочитајте во продолжение за настаните кои треба да се случат во 2017, според Sci-fi филмовите кои излегле до сега:

1. Шварци ќе биде победник во The Running Man

Според овој филм, сниман во 1987, телевизиите ќе ги регулира власта, која забранила уметност, музика и било каква форма на само-изразување. Затворениците ќе се казнуваат со тоа што ќе се борат до смрт во гладијаторската арена на The Running Man, еден вид занимација за масите.

Општеството прикажано во оваа реалност не се разликува многу од нашето – луѓето имаат неверојатна толеранција за грдите нешта кои им се случуваат на дневна база и никој не сака да се соочи со овие срања, бидејќи тоа значи излегување од зоната на комфор. Попрво би гледале како побеснети кучиња го јадат некој кутар идиот жив во Climbing for Dollars (друг спорт за масите).

The Running Man е блесав филм, но многу фино го има доловено човештвото со сета негова суровост и глупавост. Иако е стар 30 години, некои делови од филмот толку соодветствуваат со денешната слика, што е просто морничаво!

2. Хари Потер ќе го прати синот на школување во Хогвортс

На посветлата страна од светот, 2017 е исто така година кога Хари Потер и неговите школски другари ќе ги пратат своите потомства да учат за магии и волшебни напитоци во Хогвортс. Дејството во книгите за детето-волшебник се одвива помеѓу 1991, кога децата прв пат пристигнуваат во училиштето за магија и 1998, кога се случува епската битка против Лорд Волдеморт.

За жал, во филмот не се спомнува ништо за судбината на обичните луѓе.

3. Ќе не нападнат вонземјани и Super Bowl 2017 ќе биде последен

На почетокот на филмот Oblivion (2013), кој се одвива во 2077 година, ликот на Том Круз поминува покрај разрушен фудбалски стадион на кој слетал неговиот оштетен дрон. Во еден кадар се појавува ѕид на кој пишува “World 2017 Championships”, со што доаѓаме до заклучок дека тоа е годината кога вонземјаните ќе ја опустошат земјата во потрага по вода.

Тука Џек и вели на неговата партнерка Вика „читав за овој натпревар“ и раскажува како е постигнат решавачкиот тачдаун. Чудно е што излегува дека Super Bowl ќе ја наруши традицијата со тоа што ќе се одигра на стадионот на еден од тимовите, но според овој Youtube канал, тоа не е единствената грешка во филмот. :)

4. Памела Андерсон ќе стане ловец на уцени во Втората Американска Граѓанска Војна

Ако хормоните ви настапиле кон средината на 90тите, не може да не се сеќавате на Barb Wire. Oвој пост-апокалиптичен римејк на Казабланка, со ужасен рејтинг од само 3.2, денес е класика во комплетно либерална смисла на зборот благодарение на Памела во улогата на истоимената сопственичка на ноќен клуб, која во слободно време работи како платен убиец.

Втората Граѓанска Војна остава пустош во САД, кои сега се под контрола на војската. Иако функционира тоталитарно општество, сепак некои работи се напредни, како на пример задолжителна регистрација и здравствени контроли на ноќните работички. А ако сакате да патувате, ќе треба да си набавите пар контактни леќи за да можете да поминете пасошка.

5. Бритни Спирс ќе го роди своето 23 дете

Ја продолжуваме листата на лоши sci-fi филмови со Click на Адам Сендлер од 2006 година. Овој епитом на ретардирана комедија, која ве прави да се чувствувате греота за самите себеси што воопшто го гледате филмот, а не па да му се смеете, беше некоја футуристички римејк на Божиќна Приказна која се врти околу едно универзално далечинско кое, меѓу другото, контролира и време.

Ликот на Адам Сендлер, место да се обиде да реши некои круцијални прашања во светот, си игра мајтап со своето семејство и со шефот на работа. Управувачот на крај почнува да се однесува чудно и го праќа во идната 2017 година. Не дознаваме многу за тоа кај стигнал светот во 2017, бидејќи е поевтино да следиме како Сендлер го губи семејството поради незаинтересираност. Единствено нешто што дознаваме за светот е дека на 5 февруари 2017 Бритни го раѓа своето 23 дете и дека гордиот татко Кевин Федерлајн конечно решава да најде работа.

Што мислите, колку од овие пророштва ќе се остварат годинава? Јас би сакала да можам да се запишам самата во Хогвортс, пред да дојдат вонземјаните.

Претходна статијаБиометриска идентификација ќе ги замени пасошите во Австралија
Следна статијаHyperloop отвора нов истражувачки центар во Тулуз Франција