Фановите на квалитетните sci-fi филмови со нетрпение го очекуваат второто продолжение на култниот Blade Runner, кој го фаќа бранот на успешни модерни продолженија на стари култни филмови, како Star Wars и Star Trek. Blade Runner е филм со кој родителите си ги воведуваат децата во светот на научната фантастика, со што миленијалците го сметаат за светост. Од моите другари добив предупредување „Пази што ќе напишеш!“, до толку е сериозна работата!

Blade Runner 2049 се одвива 30 години по завршувањето на првиот филм. Rick Deckard е исчезнат, а полицијата на Лос Анџелес има нов blade runner, офицерот К (Ryan Gosling). Откако ќе открие стара тајна, која би можела да го уназади општеството во хаос, тргнува во мисија да го пронајде Deckard (каде повторно се враќа Harrison Ford, нормално).

Во светот на оние кои се добро запознаени (да не речам, најдлабоко навлезени) со светот на култните филмови почнува да се врти теорија дека Ford полека си ги „пензионира“ своите ликови, ако се тргне од неговото репризирање на Han Solo во The Force Awakens. Како објаснување ја земаат најавата за петтиот Indiana Jones, закажан за 2019, и самата изјава на актерот дека во случаите на Star Wars и Blade Runner, продолжувањата се 30 години по оригиналите. Јас се надевам дека ова е една од оние фан теории кај што фановите едноставно си немале попаметна работа!

Режисерот Denis Villeneuve, кој исто така го режираше неодамна излезениот Arrival, вели дека не штедел на продукција бидејќи се стреми кон R рејтинг.  “На моите продуценти им е забавно да ме потсетуваат дека овој филм ќе биде еден од најскапите независни филмови со тој рејтинг што некогаш биле снимени”, вели тој, иако додава дека повеќе се потпирале на практични ефекти, отколку на компјутерска графика.

Има цела година до премиерата, но трејлерот ветува. Гикови, уживајте.

Претходна статијаiPhone 8: Што може да очекуваме?
Следна статијаGoogle ќе лансира два паметни часовници на почетокот од 2017