Arrival е најдобриот филм годинава и еден од најдобрите НФ филмови некогаш направени

Напишано на 28.11.2016 - 14:08 од Бојан Георгиевски

Image result for arrival

Вистинска реткост во последно време е да гледаме НФ филм кој поттикнува на размислување, предизвикува драма и тензија, па и ги насолзува очите, како што тоа успева да го стори Arrival (Пристигнување). Пристигнување почнува со болка, една од најлошите низ кои еден родител може да помине. Сето ова проследено со меланхоличните звуци на On the Nature of Daylight уште од самиот старт наговестуваат дека ова нема да биде вообичаен НФ блокбастер.

За разлика од некои свои претходници – како Интерстелар – Пристигнување не навлага во “hard science” односно не се труди да го објаснува постоењето на црните дупки и начинот на кој тие можат да овозможат патување во други димензии или низ времето. Toa што исто така не треба да очекувате е експлозии и акциони сцени. Пристигнување е паметен НФ филм кој има намена емоционално да резонира кај публиката, и да ги поттикне луѓето да размислуваат за темите кои се начнати во филмот.

Драмата започнува кога 12 вонземјански летала се спуштаат на земјата (поточно, на 12 локации низ целиот свет), а луѓето креваат паника поради тоа што не знаат зошто тие решиле да не посетат. Дали се туристи? Дали се дојдени да не уништат? Светските влади ја мобилизираат својата војска, а тензијата е крената до максимален степен поради опасноста од почнување на војна со очигледно далеку понапреден вонземјански вид. Ејми Адамс ја има главната улога во филмот, и таа толкува експерт по лингвистика (Louise Banks) ангажирана од америчката влада да воспостави комуникација со вонземјаните и да го дознае одговорот на главното прашање кое сите си го поставуваат: Зошто се тие тука?

Тоа што главниот лик е лингвист е поврзано и со темите кои ги начнува филмот, како влијанието на јазикот врз перцепцијата која ја имаме за опкружувањето и реалноста. Односно, дали кога учиме нов јазик се менува и начинот на кој гледаме на светот (во филмот се спомнува Sapir-Whorf хипотезата која го изнесува ова тврдење). Но ова е само една од темите кои ги обработува режисерот Денис Виланоев (режисер на одличните Prisoners, Sicario и Enemy). Тој исто така си поигрува со повеќе филозофски концепти како што се (не)постоењето на слободна волја, емпатија, запознавање на нови култури, а низ дејствието провејува идејата дека меѓусебната соработка е она што може да го движи човештвото напред, а отсуството на соработка до самоуништување или унштување едни со други. Но колку и да се занимава со посета на земјата од вонземска раса, Пристигнување исто толку револвира околу ликот на Ејми Адамс, и нејзиното минато, сегашност и иднина.

Arrival се труди да поентира дека комуникацијата, а не војувањето е она кое не води напред и што не спречува да се уништиме едни со други. Ова е еднакво важно и за меѓучовечките односи како и за меѓудржавните односи. Иако звучи едноставно, процесот на отворена и искрена комуникација е нешто што за некои е исклучително тешко, но ако ова се постигне тогаш речиси секогаш води кон продуктивни и добри работи. Но и покрај тоа што филмот ни праќа порака дека комуникацијата е клучна, истиот не ни открива некои работи кои би помогнале да ја имаме целосната слика за она што се случува на крајот. А кога сме кај крајот, без да откријам некои големи твистови, она што следи е mindfuck во најдобра можна смисла на зборот. Последните сцени се во иста мера длабоки, драматични, тажни, и оптимистични. Најдобро е самите да го погледнете и да се воодушевите на умешноста и оригиналноста со која е обработен расплетот.

Image result for arrival

Кинематографијата е воодушевувачка

Покрај одличната приказна и реализација, филмот изобилува со прекрасни кинематографски моменти, само видете ја глетката погоре и ќе ви стане јасно колку филмот е визуелно привлечен. Глумците се исто така фантастични. Ејми Адамс веројатно ја одигра својата најдобра улога во кариерата, дефинитивно перформанс вреден за Оскар. Судејќи според развојот на приказната и како завршува филмот, успешното отсликување на нејзиниот лик е една од најважните работи за приказната да успее. А што да се каже за саундтракот? Јохан Јохансон е еден од најдобрите денес во својот занает. Саундтракот е наизменично трогателен, тензичен, и амбиентален и совршено се вклопува во секоја од сцените.

Arrival е најдобриот филм што го гледав оваа година, и мислам дека ќе остане така до крајот на наредниот месец. Но сметам и дека филмот ќе остане запаметен како еден од најдобрите научно-фантастични филмови некогаш направени, од рангот на Контакт, Блиски средби од трет вид и други класици. Неговите пораки и емоциите што ги предизвикува остануваат врежани во мозокот денови по неговото гледање, а тоа е добар знак дека станува збор за нешто посебно.

За Авторот

Фасциниран од технолошките утопии (и дистопии) живописно пресликани во научно-фантастичните романи, Бојан подолго време негува интерес за технологијата и начините на кои истата може да биде применета за подобрување на човековиот живот. Особено го интересираат дигиталната приватност и заштитата на личните податоци и се надева дека ќе предизвика интерес и љубопитност кај читателите за овие теми. Силно скептичен кон (апсурдниот) аргумент „ако немаш што да скриеш, нема од што да се плашиш“.