Pattern


Велат дека книгата е секогаш подобра од екранизацијата, но тоа не ме спречува да го завршам месец јануари со уште една листа за вас, драги филмофили. Велат, прво прочитај ја книгата, па гледај го филмот за да можеш да уживаш (или во некои случај, да искинеш живци) додека твоите омилени ликови оживуваат пред твоите очи.

Очекувањата се високи за оние кои ја имаат предноста со тоа што ги прочитале книгите и токму тие се гледачите кои е најтешко да се задоволат. Добрата страна на екранизирањето во ТВ серија е можноста за развивање на приказната во детали, преку повеќе епизоди, што од друга страна може да биде и контрапродуктивно, доколку им се дозволи голема слобода на продуцентите.

Во мојата претходна листа ви набројав уште неколку причини да ѝ  се радувате на новата филмска година, доколку сте љубител и на квалитетна книга. Во продолжение погледнете ги насловите кои ќе слетаат од страниците, директно на малите екрани:

A Series Of Unfortunate Events, според истоимениот серијал книги на Lemony Snicket

Ако ви е познат овој наслов, тоа е затоа што пред 13 години излезе филм под истиот наслов, во кој главниот негативец, грофот Олаф, го глумеше Jim Carrey. Netflix ја презеде палката за продукција на серијата која ги раскажува случките низ кои поминуваат Вајолет, Клаус и Сани Будлер, три деца кои остануваа сирачиња откако родителите ќе им загинат во пожар.

Овој пат, честа да го глуми грофот Олаф ја доби Neil Patrick Harris, кој сите го знаеме како Барни Стинсон од How I Met Your Mother. Првата сезона со осум епизоди е веќе излезена и ги обработува првите четири книги. Нарачани се уште две сезони, кои ќе одработат уште по четири книги.

Riverdale, според ликовите од стриповите Archie

Серијата ги следи животите на Арчи и неговите другари кои се обидуваат да си го пронајдат местото во светот, додека се случуваат  мрачни и необјасниви работи во нивното мало гратче Ривердејл. Од екипата на актери единствено име што отскокнува е Luke Perry, кој сите го паметиме како Дилан од времето на Beverly Hills 90210. Останатите актери се претежно млади и свежи ликови, кои одлично се вклопуваат во серијава.

Big Little Lies, според истоимената книга од Liane Moriarty

Оваа минисерија, која ќе вклучи седум епизоди, го следи пријателството на три жени на различна возраст, чии што деца заедно тргнуваат во прво одделение и како нивните животи полека се одмотуваат од совршени фасади во убиствени соучеснички. Главните улоги ги имаат три фантастични дами – Nicole Kidman, Reese Witherspoon и Shailene Woodley, која влезе на голема врата со серијалот Divergent. Емитувањето ќе почне кон средината на февруари на HBO.

13 Reasons Why, според романот на Jay Asher

Романот е фикција за млади, во кој средношколката Hannah испраќа 13 касети до 13 свои соученици, на кои раскажува дека токму тие се причината поради која извршила самоубиство. Приказната ве води длабоко во умот на депресивната тинејџерка и во детали објаснува за моќта на туѓото влијание.

Продуцентската палка е во рацете на Netflix во соработка со Selena Gomez, која и покрај најавите дека исто така ќе го глуми главниот лик, таа сепак нема да се појави пред камерите. Премиерата е најавена за 31 март.

The Handmaid’s Tale, според истоимениот роман на Margaret Atwood

Тука веќе станува поинтересно – приказна сместена во песимистичка проекција за иднината, каде нов теократски режим ги тера жените во служба на повисоката класа како средства за репродукција. Екипата пука од ѕвезди – Elizabeth Moss (Mad Men), Ralph Fiennes, Samira Weily (Orange Is The New Black) и Alexis Bledel (Gilmore Girls) се само дел. Серијата е нарачанa  Hulu, една сезона е снимена за сега, а премиерата е закажана за 26ти април.

American Gods, според истоимениот роман на Neil Gaiman

Истата мрежа која ни го донесе Spartacus сега ни ги носи American Gods, фантастичен сплет помеѓу античката и модерната митологија. Shadow Moon (Ricky Whittle, The 100), тивок човек осуден на 3 години затвор, го пуштаат неколку дена порано поради смртта на сопругата Laura (Emily Browning, Sucker Punch). По пат сретнува ликови кои се земни инкарнации на боговите од нордиска, словенска, египетска  и индиска митологија кои ќе му станат сојузници и противници во потрагата за верба. Најавени се 10 епизоди, а премиерата може да ја очекувате кон крајот на април.

Cormoran Strike, според истоимениот серијал на Robert Galbraith

Немојте да се изненадите кога ќе ви кажам дека зад трилогијата The Cormoran Strike, составена од книгите The Cuckoo’s Calling, The Silkworm и Career of Evil, стои еден од најголемите умови од британската литература, J.K. Rowling, под псевдонимот Robert Galbraith. Дејството се одвива околу Cormoran Strike (Tom Burke, The Musketeers), ветеран кој работи како приватен детектив и неговата помошничка Robin (Holliday Grainger, The Borgias). Снимени се 7 епизоди од по 60 минути, најверојатно поделени во 3 сезони и ќе ги опфатат сите 3 книги. Продукцијата е на BBC, но можеби ќе имаме среќа да ги следиме кај нас на HBO.

Sharp Objects, според истоимениот роман на Gillian Flynn

Уште еден крими мини серијал од 8 епизоди, со Amy Adams (Arrival) во главната улога. Camille Preaker е млада новинарка од Чикаго, која се враќа во родното гратче Wind Gap во Мисури за да истражи серија брутални убиства кои ги тероризираат жителите. Сé ова е зачинето со психолошките лузни кои ги трпи Camille после раната смрт на нејзината сестра и константната потреба да се повредува самата со тоа што пишува зборови по своето тело со нож, како и лабавата врска со нејзината растроена мајка. Приказната ветува мистерија и пикантни семејни интриги, за кои ќе треба да почекаме да ги видиме на малите екрани. Премиерата сé уште не е закажана.

Anne, според безвременскиот Anne of Green Gables на L.M. Montgomery

Не постои приказна која заслужува екранизација како Anne of Green Gables, приказната за 11 годишната Anne Shirley, сираче кое по грешка е пратено да живее со средовечни брат и сестра. Една ваква екранизација веќе имавме можност да ја следиме кон средината на 90тите на нашите телевизии, заедно со Патот за Авонли (Road to Avonlea), серија снимана според книги од истата писателка. Новата екранизација ќе состои само 8 епизоди, а зад нив стои Moira Walley-Beckett, која се закити со наградата Emmy за Breaking Bad.

Претходна статијаСеавус Инкубатор и Мајкрософт Македонија ја промовираат програмата „БизСпарк“ – бесплатни лиценци за стартапи
Следна статијаAMD со Ryzen ќе ги прескокнат 6 јадрените процесори