Квалитетот на воздухот во Кина е на многу ниско ниво. Ова особено важи за големите градови во оваа држава. Премиерот на Кина изјавил дека државата ги зголемува напорите за расчистување на воздухот, зборувајќи на годишниот национален конгрес. Граѓаните на Кина го изразуваат својот револт преку протести и бараат решавање на овој проблем кој според некои проценки убива над милион луѓе годишно. Кинескиот премиер ветува дека ќе го зголеми производството на обновлива електрична енергија и дека ќе ги отстрани старите возила кои го загадуваат воздухот повеќе од дозволеното.

Оваа тема разбираливо нас ни е интересна, затоа што и нашата земја не е далеку во загаденоста.

На првиот ден од оваа година, воздухот во Пекинг бил 24 пати позагаден од дозволената граница, одредена од Светската здравствена организација. Ова било доволно за вклучување на црвениот аларм во Кина. Во септември минатата година, Светската здравствена организација ја рангираше Кина на првото место со најзагаден воздух на светот. Од друга страна пак, според анализите на Greenpeace загаденоста опаѓа веќе трета година по ред. Ова се должи најмногу на двојното зголемување на производството на соларна електрична енергија.

Кина во 2016 година инсталираше соларни фарми кои се доволни за производство на 34 гигавати електрична енергија, со што стана лидер во целиот свет по производство на соларна енергија. Некои од зацртаните цели кои Кина се обврза да ги оствари со Парискиот договор, ќе ги исполни пред договорените датуми. До 2030 година во Кина треба да очекуваме значителен напредок во прочистувањето на воздухот, напредок кој е загарантиран доколку се продолжи со ова темпо на вложување во обновлива енергија, па и користењето на електрични автомобили истовремено.

Извор: ibTimes

Претходна статијаiPhone 8 ќе има целосно нов читач за отпечатоци, дизајниран и развиен од Apple
Следна статијаСамсунг го претстави робусниот, но елегантен Galaxy XCover 4