Скопје, 21.06.2017. Денес, основачот и со-сопственик на Логин Системи, Венко Глигоров, заедно со дел од фесјбук и твитер заедницата покренаа иницијатива за воведување на PayPal како платежен сервис за продажните места во Македонија.

“Откако првичната сондажа покажа дека има прилично голем интерес и потреба за воведување на PayPal во Македонија, стартуваме денес со нејзината реализација” изјави Венко Глигоров. “Отворивме место за пријавување на заинтересираните физички и правни лица и после рокот за пријавување, ќе испратиме писмо до Министерството за финансии, со копија до вицепремиерот за економски систем, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и Народната банка на РМ.”

Според официјалните лица во PayPal, пречката за воведување на Пејпал е што веќе подолго време нема “зелено светло” од главните банки во Македонија за воведување на сервисот. Во 2014та година, Македонија направи измени во регулативата за да се овозможи македонските граѓани да плаќаат во странство преку сметката во Пејпал. Сепак, остана незавршена можноста домашните претприемачи и вредни професионалци да отвораат свои продавници на Интернет и да ги продаваат своите производи и услуги.

“Изгледа многу побрзо воведуваме регулатива за да се купува или троши нешто односно да се прави увоз, отколку да се стимулира продажбата на македонските производи и да се прави поголем извоз.” вели Венко Глигоров.

Зошто е Пејпал битен? Македонија увезува многу повеќе отколку што извезува и тој јаз се зголемува кај реалниот бизнис.

Македонските фирми и претприемачи се мали и слаби да отвораат скапи маркетинг и продажни канали низ светот. За ваквите земји и економии од посебно значење е електронската трговија и можноста странските купувачи да може да плаќаат безбедно за македонските производи и услуги со безбедни платежни платформи каква што е PayPal. На сликата е прикажан процесот на купување преку електронска продавница и плаќање преку процесор за плаќање каков што е Пејпал.

Процес на купување, продавање и плаќање преку PayPal

Иако според дел од рангирањата во светот, Македонија е во средината или во погорниот дел од листите, што се однесува до Пејпал, Македонија се наоѓа во неславната група на ретки земји кои немаат Пејпал. Групата ја сочинуваат земјите Afghanistan, Pakistan, Bangladesh, Uzbekistan, Iran, Iraq, Lebanon, Libya, Liberia, Syria, Palestine, Belarus, Cameroon, Central African Republic, Kosovo, Ivory Coast, Republic of North Korea, Gabon, Ghana, Equatorial Guinea, Haiti, Macedonia, Monaco, Moldova, Myanmar, Montenegro, Nigeria, Paraguay, Saint Lucia, Sudan, Timor-Leste и Zimbabwe.

Со отворање на можноста за прием на уплати преку Пејпал, се отвораат нови хоризонти за продажба на македонските производи, а посебно на тие уникатните, во светот. Своја иднина ќе може да изградат бројни мали производители, уметници, луѓе од услужната дејност како и трандициналните компании во Македонија.

Пријавување за иницијативата се прави преку пополнување на формулар на страницата https://www.loginsystems.biz/peticija-paypal. Во самиот формулар, пополнувачот може да одреди дали сака да се најде на листата која ќе се достави до Министерството за финансии и другите надлежни министерства.

Рокот за пријавување е до 28ми Јуни 2017 до 14 часот. Иницијаторите ќе бараат поддршка и од стопанските комори како и од сите други деловни асоцијации и здруженија.

Од своето основање во 1991ва до денес, Логин Системи е општествено одговорна организација и покрај деловно-комерцијалните активности вклучува активности кои се корисни за економијата и пошироката општествена заедница.

Извор: Логин Системи

Претходна статијаSurface Laptop е потежок за поправка од MacBook
Следна статијаДронови ќе носат дефибрилатори за итен случај на срцев удар, ќе бидат многу побрзи од амбулантно возило