smog-macedonia

Последниве неколку години не мачи еден непобитен факт – нашите градови се меѓу најзагадените во Европа и светот. Ова не е воопшто несериозна работа, иако имам забележано дека многу луѓе сакаат да ја релативизираат. Загадувањето на воздухот предизвикува најразлични болести, зависно од тоа какво е загадувањето, што особено многу е изразено кај помладите групи на граѓани, како децата и бебињата.

Во претходната објава од самитот на Macedonia 2025, каде зборувавме за паметна мобилност, има еден фрапантен податок – еден ден поминат во Пекинг, кој е скоро исто загаден како Скопје во зимските денови, е како да сте испушиле 40 цигари. Еве да речеме дека сте веќе пушач и дека тоа нема да направи голема разлика, но што е со децата и бебињата?

Web

За загадувањето на самитот ни зборуваше Карина Барнхолт Клепер, Висок Советник во “Nordic Energy Research” која доаѓа од една од најчистите земји, Норвешка. Знам, знам дека ќе речете дека сме далеку од нив, бидејќи тие сепак се една од најразвиените земји, но секогаш е добро да се земе пример од најдобрите.

Македонија нема национална стратегија за загадувањето
Да се вратиме кај нас. Ние во моментов се уште се мачиме со национална еколошка стратегија за тоа како да го спречиме загадувањето. Кај нас никој не знае што точно загадува и колку загадува. Всушност, по социјалните мрежи секојдневно има расправи – едни велат дека греењето на дрва е проблемот, други индустриските капацитети, трети автомобилите. Фактот е дека не знаеме, односно немаме истражено.

karina-macedonia-2025-3

За да почнеме да го намалуваме загадувањето, треба прво да научиме што е тоа што го загадува воздухот. Точно, со бројки. И потоа да се почне со намалување на ефектот на сите загадувачи. На пример, да им се овозможи на илјадниците граѓани во центарот на градот поевтин премин од греење на дрва на чисто греење или пак на оние со постари автомобили олеснето купување на нови чисти автомобили. Начини да се направи тоа има, само треба да се смисли стратегија, која во моментов ја немаме.

Исто така, државата мора забрзано да работи на нови, почисти начини за производство на електрична енергија. „РЕК Битола“ е евтин и доверлив начин да се дојде до струја, но на термоелектраните на јаглен местото им е веќе децении во историјата поради огромното загадување кое го прават.

Скандинавија е 30 години напред во однос на останатите региони во светот
Сите знаеме дека Скандинавските земји се најчисти во светот. Ова не е поради географската положба, туку поради тоа што таму сите земји заедно работат на намалување на емисијата на штетни гасови. Да, за разлика од Балканот, таму сите земји имаат заедничка стратегија, која е од огромна важност за намалување на загадувањето на регионот.

karina-macedonia-2025-4

Како го постигнуваат тоа? Работат на намалување на загадувањето од буквално сите енергетски извори. На пример, почнале со добивањето на електрична енергија, па потоа со јавниот транспорт, па товарниот транспорт итн. и почнале да применуваат други начини на добивање на енергија кои помалку ја загадуваат околината.

Така, скандинавските земји се најголем производител и потрошувач на биомаси, кои се добиваат од растенија и кои можат да се користат директно за добивање електрична енергија или да се претворат во био горива. Потоа, тие земји максимално ја искористуваат хидроенергијата и геотермалната енергија (и покрај тоа што имаат помал капацитет од нашиот) и секако максимално ги користат ветерот и сонцето како извор на енергија. Сепак, како што ни кажа Карина, тие се уште мислат дека употребата на фосилни горива е преголема и работат на нивно целосно исфрлање од употреба.

karina-macedonia-2025-2

Тие толку добро ја имаат разработено тематиката на чиста енергија, што имаат соларни панели кои го следат сонцето со цел подобро да го искористат. Да потсетам, Скандинавија има многу, многу помалку сонце од нас. Исто така, тие се земји со најголема употреба на електрични возила во светот и веќе работат на целосна декарбонизација на транспортот на подолги релации (камиони на водород на пример).

Што треба ние да примениме од тоа?
Прво, струјата мора да ја добиваме од почисти извори. Карина ни кажа дека според тоа што го истражила за нашата земја, ние сме перфектно добра земја за производство на биомаси и биогорива, бидејќи имаме многу шуми, а имаме и премногу неискористена хидроенергија и сончева енергија.

Потоа, во градовите мора да се намали секоја емисија на гасови. На пример, во самиот центар на градот има премногу куќи кои се греат на дрва и тоа се пред се посиромашни семејства. Тие овој начин на греење го имаат избрано поради ниската цена и затоа, државните институции треба да ги субвенционираат за почист начин на греење.

greenje-na-drva-640x396

Исто така, премногу од индустриските капацитети во градот прават буквално видливи облаци од штетни гасови – овој проблем го имаат Скопје, Битола, Тетово и многу други. Ова мора ИТНО да се реши. Всушност, од круцијална важност е тие капацитети или да се префрлат кон чисти извори на енергија или да инсталираат напредни филтри за пречистување.

Мноу брзо треба да се почне со електрификација на јавниот транспорт. И тука не мислам само на автобусите за кои зборувавме претходно – Скопје има на пример преголем број на таксисти, кои обично возат со постари, дизел автомобили. Ако сакаме да почнеме со чисти технологии од некаде, треба да почнеме од нив, односно градот да субвенционира такси возила со хибридна или електрична технологија. Искрено, не знам зошто ова не е направено досега.

920x920

Најважно е сепак да се направи заеднички електричен систем со соседните земји, бидејќи на тој начин ќе се намалат трошоците за нови технологии за секоја држава поединечно. Ова можеби се чини премногу далечно, бидејќи соработката не оди најподмачкано, но верувам дека притисокот од меѓународната заедница, која веќе има посебни планови за намалување на емисиите на CO2 и ефектите на глобалното затоплување, ќе придонесе Балканот да поработи заедно на целата оваа тематика.

Сите овие работи спомнати погоре верувам многу од Вас добро ги знаат. Но, едно е да се знае а друго е да почне да се работи на тоа. Во ситуација сме кога не само што треба, туку и мора да го направиме тоа – Македонија буквално се гуши од штетни гасови, нешто за кое не ни требаат ниту мерни станици. Едноставно, го чувствуваме.

Претходна статијаSamsung патентира смартфон кој може да се превитка на половина
Следна статијаSamsung започна со тестирање на Android 7.0 на Galaxy S7 и S7 Edge