Хакерите постојано измислуваат најразлични начини за да навлезат во приватноста на корисниците и да ги украдат нивните податоци. Најновиот начин за крадење на пинот на корисниците, на пример, е преку сензорите на смартфонот, односно преку следење на начинот на кој се движи телефонот додека пишувате на виртуелната тастатура.

Сигурно сте забележале, но кога пишувате на вашиот смартфон, благо го мрдате во сите насоки. Зависно од тоа која буква на тастатурата ја притискате, телефонот се движи со различен интензитет и поминува различен пат. Благодарение на овие движења, истражувачи од Универзитетот во Њукасл, успеале да откријат пинови во 70% од случаите по првиот обид, односно во 100% од случаите по петтиот обид.

Главниот истражувач од тимот, Д-р. Марјан Мехрнезад, изјави дека е особено загрижен поради ова откритие. Имено, поголемиот дел од апликациите во нашите телефони немаат предупредување дека ги користат сензорите и многу лесно хакерите би можеле да протнат сличен ваков алгоритам кој може да ги собира лозинките од нашите уреди. Тука се работи за акцелерометарот, GPS сензорот, компасот итн.

Овој метод покрај за откривање на пиновите, може да се користи и за дополнителни работи. Па така, хакерите може да откријат дали се движиме или сме во мирување, па дури и тоа дали се наоѓаме во воз, на пример.

Истражувачите од Универзитетот веќе ги контактирале сите мобилни платформи кои се користат денес, со цел заеднички да го решат овој сериозен пропуст, кој доколку се искористи малициозно, може да значи протекување на лозинки на скоро сите корисници на смартфони во светот. Затоа, наскоро очекувајте Android, iOS и Windows Mobile да бидат многу поограничени во дозволите кои ги даваат на апликациите.

Извор: Eurekalert, TechCrunch, Newcastle University

Претходна статијаMoto C и C Plus ќе бидат супер достапни смартфони
Следна статијаAMD Ryzen 5 – подобри процесори за одлична цена