Голем број на корисници на Android кај нас користат најразлични пазари за апликации кои не се официјални и кои нудат бесплатни апликации кои инаку би требало да ги платите неколку долари на Play Store. Но, дали тоа што го правите навистина ќе ви заштеди пари? Одговорот е секако не и уште веднаш предупредување – не го правете ова.

Причината е едноставна – преку апликациите, хакерите имаат можност лесно да навлезат во вашиот систем. Доволно е да им дозволите пристап до вашите фотографии, телефонски повици, пораки и локација и тие буквално да направат хаварија во вашиот смартфон и да ви ги украдат сите податоци. Кога ќе симнете апликација од Play Store сте безбедни, бидејќи сите апликации се проверуваат пред да се објават на пазарот. Ова важи и за сите секојдневни надградби. И за ова гарантира Google.

Со другите пазари за апликации немате никаква гаранција дека апликацијата нема некој малициозен софтвер во нејзе. И многу често последниве неколку години се случува да симнете апликација која нема врска со тоа што го пишува во насловот, односно која е имитација на популарна апликација од Play Store. Скоро сите вакви апликации имаат „задни намери” и неретко се случува во просторот за нотификации да почнат да ви се појавуваат реклами и сл. Во превод, ова е начинот на кој хакерите ќе заработуваат на инаку „бесплатната” апликација.

Како пример за ова е последниот напад на Android уредите наречен Gooligan, кој веќе има заразено преку 1,3 милиони Android уреди. Овој малициозен софтвер може целосно да навлезе во вашиот оперативен систем и да црпи информации од Gmail, Play Store, Google Photos, Google Drive итн. Потоа, овој вирус може да сам да симнува апликации, да објавува ваши слики онлајн, да ги има вашите банкарски сметки… На крај, штетата може да биде многу поголема отколку да платите 50-тина денари за апликацијата.

Лично знам многу корисници кои ќе речат дека немаат што да скријат и не се загрижени премногу за ваквите вируси, но ве замолувам да размислите повторно. И дури и да не е така, сигурно не сакате смартфон кој ќе биде преполн со реклами кои ќе го успоруваат и кои нема да ви дадат правилно да функционирате со него. Навистина, престанете да симнувате апликации од сомнителни пазари или пак .apk датотеки од интернет.

Извор: Wired, Android Central, Checkpoint

Претходна статијаПаметни очила можат да фокусираат и за кратковидност и за долговидност истовремено
Следна статијаНајголемата нафтена компанија ќе вложи 5 милијарди долари во обновлива енергија