Image result for skynet google

Да се каже дека компјутерите стануваат се помоќни и поинтелигентни и дека создавање на суперпаметна ВИ е се пореално остварливо, не е ништо ново. Како што се развива компјутерската моќ, така ќе се очекува од компјутерите самостојно да раководат со незамисливо голем број на сензитивни податоци.

Поради тоа, тајното и безбедното ракување со одредени податоци, и спречување истите да дојдат до непосакувани раце, е од исто така огромна важност (нешто што сега сигурно добро го знаат луѓето кои работеа во кампањата на Хилари Клинтон). Во сценарио кое потсеќа на дистописка иднина во која машините ќе водат разузнавачка војна едни со други, Гугл научи две ВИ да ја криптираат меѓусебната комуникација, односно да ја скријат содржината на таа комуникација од трета ВИ.  

Истражувачите од проектот Google Brain, во својот скоро објавен истражувачки труд откриваат како дошле до ова рудиментарно, но потенцијално „пореметувачко“ достигнување. Имено, истражувачите креирале три неврални мрежи кои ги нарекле Алис, Боб (кул име за ВИ) и Ева. Секоја од нив имала посебна задача: Алис имала задача да испраќа енкриптирани пораки кон Боб, Боб имал задача да ги декриптира овие пораки, употребувајќи „таен клуч“, кој го добивал од Алис. Ева имала задача да ја шпионира нивната комуникација, односно да ги дешифрира пораките без да го има тајниот клуч, што ја става во улогата на НСА.

Ниту една од овие ВИ не биле научени на креирање сложени криптографски алгоритми. Сепак, после голем број на обиди (преку 15 илјади) и учење од претходните неуспеси, Алис и Боб се воиграле, и редовно успевале да разменуваат енкриптирани текст пораки. Од друга страна, Ева не успеала да создаде способност за да ги декриптира целосно овие пораки, што значи дека експериментот бил делумно успешен.

Не се обелоденува дали ова е поради тоа што Алис и Боб имале одлична енкрипција, или пак поради тоа што намерата на научниците била мрежите да научат да енкриптираат, а не да декриптираат шифрирани пораки (не знам зошто едноставно не се обратат до НСА, сигурно ќе ги научат како да го направат ова).

Исто така не е јасно дали тие можат да бидат истренирани точно која содржина или какви пораки да скријат и од кого, но тоа веројатно ќе можат да го сторат во блиска иднина. За почеток и ова е доволно за да не потсети сите дека Скајнет е нешто што полека од научна-фантастика се преточува во реалност.

Претходна статијаХакери успеале да пробијат Google Pixel за помалку од 60 секунди
Следна статијаПрви информации: Huawei P10 ќе биде супер моќен смартфон?