Минатава година многу корисници на најразлични Android телефони добија сигурносни надградби, кои се прават со цел да се заштити приватноста на корисникот. Сепак, се’ уште е голем бројот на уреди кои не се надградени и Google сака да го промени тоа оваа година.

Всушност, тие сакаат да го зголемат напредокот на ова поле. Во минатото, сигурносни надградби добиваа само смартфоните од повисоките класи и тоа многу ретко, а единствено редовни надградби добиваа Nexus уредите на Google.

Минатата година се промени тоа, но од Google велат дека треба уште многу да се работи на подобрување на ситуацијата. Ова е сепак многу сложен процес – за разлика од конкуренцијата, како Apple или Microsoft, Google треба да надгради многу различни типови на уреди, со најразлични компоненти. Ова го отежнува и процесот на откривање на заканите за приватноста уште во старт.

Од Google велат дека успехот минатата година бил постигнат благодарение на соработката со производителите на смартфони и операторите, нешто што треба само да се продлабочи оваа година. Од друга страна ова не значи дека корисниците ќе добиваат побрзи надградби за нови верзии на оперативниот систем – за тоа се најчесто задолжени самите производители, кои скоро без исклучок имаат преработени верзии на Android.

Заслужен за поголемата безбедност на корисниците е и Play Store, кој секојдневно ги скенира апликациите за да најде малициозен софтвер во нив, кој потоа би можел да биде искористен за кражба на личните податоци. Заедно со почестите сигурносни закрпи, Android од година во година треба да станува се посигурен и побезбеден оперативен систем.

Извор: TechCrunch, PCWorld, On The Wire

Претходна статијаВелика Британија ќе воведе полициски дронови
Следна статијаVaio смартфонот со Windows сега достапен и со Android