Низ интернет мрежата почна да се распространува нов вирус со име Popcorn Time, кој може целосно да ви го заклучи, односно енкриптира компјутерот со AES-256 енкрипција. Во тој случај нема да може да пристапите на вашите датотеки и ако неколку пати ја згрешите лозинката (која ја генерира вирусот) ќе ги изгубите сите датотеки засекогаш.

Креаторот на вирусот сепак дава шанса да го отклучите својот компјутер, доколку платите 780 долари, односно еден “bitcoin”. Ова значи дека се работи за изнудувачки вирус, кој сака да изнуди пари од заразените корисници. Корисникот треба да плати во рок од една недела доколку ги сака податоците назад и ако не го стори тоа, тие ќе бидат целосно избришани. Интересно, според информации од MalwareHunterTeam, вирусот потекнува од Сирија и парите од него ќе се искористат за хуманитарни цели, односно за храна, лекови и засолниште.

Сепак, има уште една можност за отклучување, а тоа е да го пратите вирусот на други двајца корисници, кои потоа мора да платат. Тогаш вашиот компјутер ќе биде отклучен, но ќе биде заразен на корисниците на кои сте го пратиле. Ова е сигурно нешто што би го направиле многу корисници, особено да се „одмаздат“ на некого кој не го сакаат, но има и такви кои сигурно не би посакале вакво нешто на друг.

Вирусот инаку не го енкриптира целиот оперативен систем, туку дел од него, како на пример Documents, Pictures, Music и неколку различни датотеки за слики, документи, музика и филмови. Затоа, моја препорака е секогаш да користите некој Cloud сервис за бекап на податоците. Во тој случај, нема да мора да се грижите дури и ако го фатите овој вирус и ги загубите, бидејќи ќе може лесно да ги вратите. Или пак, правете повремено бекап на целиот диск на надворешен диск.

Извор: ZDNet, Beta News, Graham Cluley

Претходна статијаSkype може во реално време да преведува повици на мобилен и фиксен телефон
Следна статијаПретставени првите Nokia телефони од HMD Global, но не се тие со Android кои ги чекаме