human-brain-capacity-640x494

Човечкиот мозок има 10 пати поголем мемориски капацитет отколку претходно што се веруваше. Или, еквивалентно во компјутерска терминологија – околу 1 милион гигабајти податоци (1 петабајт). Тоа значи дека ако споиме 1.200 човечки мозоци ќе имаме доволно меморија колку што бил проценет Интернетот дека содржи во 2010 година. Според најновите наоди на Д-р Тери Сејновски, невроните во мозокот на цицачите се далеку подиференцирани отколку што се мислеше претходно, што овозможува задржување на многу поголема меморија.

Знаете уште што значи ова? Дека немате оправдување кога треба да научите нешто ново. Едноставно толку многу место има во вашиот мозок што капацитетот изгледа дека никогаш нема да му заврши (барем додека не сме поврзани директно со Интернетот преку мозок-компјутер опкружувања).

За жал, за разлика од компјутерите, нашиот систем на внесување податоци и нивно „запишување“ е доста бавен, особено кога се работи за информации и знаења кои не ни се природно склони да ги памтиме. Па така, последните случувања во брачниот статус на луѓето од околината, повеќето луѓе прилично лесно го памтат како би можеле да трачарат потоа, но пресметување на диференцијални равенки или квадратен корен – малку потешко по завршување на средно школо.

memory

Инаку, главната мемориска единица на мозокот е хипокампот, конгломерат на нервни клетки чија функција е токму тоа – префрлање на меморијата од краткотрајна во долготрајна т.е. помнење. Ова го постигнува користејќи го феноменот на долготрајна потенцијација, при која преку повторување на сигналната патека низ одредени неврони се овозможува сигналот низ истата секој следен пат се` полесно да пропатува. Ефектот од ова е зацврснувањето на врските и соодветно формирање на меморија.

Заради ова, редовното и целосното спиење и одморање е есенцијално за формирање на мемории. Додека спиете мозокот по случаен тек испалува невротрансмитерски празнења. Воспоставените долготрајни потенцијали со тоа се зацврснуваат, а оние мемории кои се небитни и затоа послаби како врски, се распаѓаат при ваквиот процес. На крајот остануваат само битните мемории кои се зацврснати.

social-learning-ubs-1024x547

Меморијата е симболична и модуларна, па затоа е полесно да се научи нешто кое го разбирате во споредба со чистото меморирање. И токму затоа повторувањето на одреден податок и негово претворање во информација („разбирање“) овозможува тој да се запомни.

Секако, научниците нема да го фрлат ова истражување без да го употребат, а ќе можат да го употребат токму во доменот на синтетичка интелигенција. Мозокот е прилично ефикасна машина за неговата намена и неговата структура и начин на работа може да се искористи за ефикасно сместување, разглабање и вадење на милиони терабајти податоци. Нормално, и многу битни како кога ви била годишнината, каква кошула сте носеле на првиот состанок, оној пат кога сите ви се смееа во 3-то одделение и слични.

Што чекате? Назад на учење. Време е да се испразнат тие милиони гигабајти од изгледот на чевлите на комшијата и да се наполнат со нешто паметно:

Дополнителни информации: Ubergizmo, Regaltribune, Andy Greenhaw

Претходна статијаMicrosoft ги објави финансиските извештаи за 2015 – На Surface уреди им оди одлично, но не и на Windows Phone
Следна статијаСмартпортал неделник 25 – 31 февруари 2016