Супер компјутерите и натаму продолжуваат да постигнуваат нови рекорди кога се во прашање брзините кои ги постигнуваат и способноста за преработка на податоци, а една земја се истакнува меѓу другите во нови вакви машини – Кина. Всушност, тие веќе го надминаа САД во бројката на супер компјутери во најбрзите 500 во светот, што е извонредно постигнување кое пред неколку години се чинеше како невозможно.

Кина има дури 202 машини во најбрзите 500 супер компјутери, што е многу повеќе споредено со 143 на САД. Трета на листата е Јапонија со 35 супер компјутери, додека Германија има 20 супер компјутери. Оваа листа е одличен показател и за технолошкиот развој на земјите во светот – 4-те најзастапени се воедно и едни од најразвиените земји.

Интересно, пред само шест месеци, Кина сѐ уште беше втора со 160 супер компјутери, додека САД имаше 169 супер компјутери. Ова покажува енормен раст на способноста на Кина да се натпреварува со другите „големци“ во светот на секое поле и особено на поле каде САД отсекогаш бил неприкосновен, односно важел како матична земја на компјутерот.

Супер компјутерите се користат за најразлични научни испитувања и работи кои бараат многу пресметки во единица време, како симулација на нуклеарни оружја, временска прогноза и пресметки за вселенските програми на земјите во кои се наоѓаат. Нивната моќ обично се мери во Petaflops, за разлика од Teraflops кај нашите домашни компјутери.

Извор: TechSpot, Mashable, Quartz

Претходна статијаSanDisk лансира micro SD картичка со капацитет од 400 GB
Следна статијаМАСИТ ќе ги наградува домашните иновативни ИКТ решенија