Image result for ava and caleb

Вештачка интелигенција. Термин што експлодира од популарност последниве неколку години. И со добра причина. Зависно од тоа како ќе биде комплетиран процесот на креирање на свесна ВИ, човештвото или ќе доживее огромен просперитет, или пропаст.

Ex Machina е еден од подобрите филмови во 2014 година кој се занимава со оваа тематика. Во филмот, во разговор меѓу двајцата главни протагонисти, Калеб и Натан, Натан му обелоденува на Калеб дека тој ќе биде човечката компонента во Туринг тест. Поентата на Туринг тестот е следнава – доколку во интеракција помеѓу човек и компјутер, човекот не знае дали комуницира со компјутер или со човек, компјутерот го положил тестот, односно поседува вештачка интелигенција.

Подоцна во филмот, Натан му објаснува на Калеб дека постоењето на вештачка интелигенција не може или не треба да се одреди при комуницирање на човек со компјутер во околности во кои компјутерот е скриен од очите на човекот. Наместо тоа, поентата е да се воочи дали и кога покрај што човекот гледа дека комуницира со компјутер, развива чувства за него. Ава, вештачката интелигенција која ја создава Натан во Ex Machina, го положува овој тест и успева да предизвика емоции кај Калеб кои овој можеби никогаш не ни ги почуствувал за друг човек. Чувство на емпатија, поради затвореноста на Ава во „кафез“ опкружена со ѕидови и стакла. Но и чувство на љубов и конекција, и на посакување навистина да биде со Ава (има интересна сцена каде што Натан му објаснува на Калеб како и вградил на Ава сензори преку кои може да доживее оргазам).

Намената на Калеб во филмот е да биде возило за публиката, односно преку него, ние да ги чувствуваме истите работи што и тој ги чувствува. Ова успева на моменти, а на моменти не. Како што наведов погоре, Калеб развива чувства за Ава, иако е очигледно дека не е човек, и има јасно видлив процесор во својата утроба. Што можеби е и очекувано, сепак Ава има лице и тело на супермодел, а очигледно и знае како да комуницира со припадниците на машкиот пол за да предизвика чувства кај нив. Сепак, таквите емоции не се реплицираа и кај мене, а веројатно и кај многу други, од причина што сепак не сме ние тие кои што сме во таа соба и разменуваме зборови со вештачка интелигенција.

Related image

Онаму каде што Machina несомнено успева да предизвика, барем кај мене, морничаво чувство е кога при крајот Калеб се соочува со фактот дека целта на Ава била да го изманипулира со цел тој да и помогне да избега од научната лабораторија каде ја сместил Натан (што всушност е и целиот тест кој го смислил Натан). А во тоа успева, со трагични последици за машките ликови во приказната (интересно е што женските ликови на крајот се охрабруваат да се воздигнат против машките и се ослободуваат од „ропство“ – се прашувам дали режисерот сака да пренесе нешто со ова). Една валидна опсервација која мислам дека е присутна во филмот е прашањето како ќе се однесуваме кон ВИ која има женска форма? Натан создава исклучиво ВИ кои имаат привлечни женски тела (кога веќе ги креира зошто да не ги креира да изгледаат како модели). Не е далеку иднината во која ќе постојат секс-ботови кои ќе го заменуваат сексуалното искуство помеѓу две човечки битија. 

На крајот, поентата ми е следнава – луѓето се создадени да чувствуваат конекција, заедништво, да бидат оптимистични за својата иднина, понекогаш слепи за некои од опасностите кои би можеле истата да ја уништат. Во Ex Machina, Калеб го отелотворува сето горенаведено. Неговата емпатија и љубов кон Ава го тераат да создаде слика за својата иднина во која тој е заедно со нејзе (или тоа?) што пак го тераат да преземе постапки кои на крајот ќе доведат до неговото уништување.

Ова сценарио е еднакво применливо и ако гледаме на поголемата слика. Како ќе се однесува човештвото кога ќе пристигне денот на креирање на свесна ВИ? Дали ќе се однесува како Калеб, наивно, идеалистички, без земање предвид на можните реперкусии од „пуштање од ланец“ ВИ која може да не уништи? Или ќе биде свесно за ризиците од ова сценарио и ќе преземе дејства кои ќе ги ограничат можностите за на човештвото да му се случи истото што му се случи и на Калеб. Тоа сметам дека е главниот “warning call” што го упатува режисерот Алекс Гарланд. И затоа Ex Machina е еден од најважните филмови во последниве неколку години, кој иако не ни ги дава сите одговори, ги поставува сите вистински прашања.

Претходна статијаNASA објави слики на кои се гледа како Земјата е променета во последните 30 години
Следна статијаGoogle Assistant ќе биде достапен и во смартфоните на LG?