Што мислите вие, треба да се плашиме од вештачката интелигенција? Размислувањата се поделени како никогаш досега, особено кај луѓето кои се упатени во оваа тематика.

Добар пример за различни размислувања ни презентираа веројатно најуспешните двајца луѓе во моментов на планетата, Елон Маск, сопственик на Tesla и Марк Цукерберг, сопственик на Facebook.

Имено, Марк Цукерберг, како еден од најголемите промотори на вештачката интелигенција, изјави дека размислувања на Елон Маск за оваа тематика, односно неговиот страв од вештачката интелигенција се неосновани, а воедно и негативни и неодговорни.

Да потсетам, Маск неодамна изјави дека вештачката интелигенција треба да се регулира што порано, односно да се реагира проактивно наместо реактивно, зошто инаку би можело да биде прекасно.

На коментарите на Цукерберг, кој е оптимист во однос на вештачката интелигенција, Елон Маск одговори во негов, помалку одважен стил, но и со многу малку почит во однос на неговиот колега.

На твит за изјавата на Цукерберг, тој изјави: „Јас зборував со Марк за ова. Неговото познавање на оваа тематика е лимитирано.“ Прилично остри зборови за човек кој е сопственик на најуспешниот интернет бренд во моментов, Facebook, а воедно и еден од пионерите на полето на вештачката интелигенција.

Овие „расправања“ со изјави не мора ништо да значат и ве советувам да не ги сфатите како „омраза“ меѓу нив двајца. Едноставно, ова е војна на зборови и размислувања, кои добиваат на публицитет само поради тоа што се познати личностите.

Ако се прашувам јас, пак одговорот е некаде на средина – вештачката интелигенција ни треба, но мора ние да ја имаме контролата.

Извор: TechCrunch, Inc, The Next Web

Претходна статијаСкопје го доби својот Супер Куп сјај
Следна статијаAmazon патентира автоматизирани подводни магацини