Елон Маск можеби има планови за носење на луѓе на постојано живеалиште на Марс, но Дубаи има многу пореални планови – да го донесе Марс на Земјата. Да, тие планираат да изградат град, во кој жителите ќе се чувствуваат целосно како да се на Марс, а не на Земјината Топка, нормално без сите опасности кои ги носи патувањето до друга планета, а особено престојот на неа.

Веднаш да пресечам – идејата зад овој град не е тој да биде живеалиште за луѓето, туку повеќе да биде тест центар за научниците и вселенските агенции, кои во него, прилично безбедно, би можеле да истражуваат како би изгледал долгиот престој на луѓето на Марс. Замислете го повеќе како симулација на условите на Црвената Планета, со крајна цел колонизирање на Марс од страна на Дубаи, односно Обединетите Арапски Емирати.

Поради тоа, овој град ќе биде целосно опремен со научни лаборатории, во кои ќе се истражуваат и бараат начини за производство на храна и вода на Марс, како и енергија потребна за напојување на целиот град. Поточно, тука ќе се испитуваат можностите за самоодржлив живот на Црвената Планета.

Нормално, проектот ќе биде многу скап – изградбата на градот ќе чини 135 милиони долари и тој ќе се протега на површина од 175.000 метри квадратни. Целиот дизајн ќе биде на признатиот дански архитект Бјарке Ингелс (кој е особено познат по футуристичките градби), додека градот ќе биде изработен од 3D испринтани ѕидови со стакла и ќе има песок од пустината во Обединетите Арапски Емирати.

Извор: Digital Trends, Mashable, Engadget

Претходна статијаEasyJet најавува електрични авиони во наредните 10 години
Следна статијаFacebook ќе овозможи логирање на вашата сметка само со вашето лице