Кога Исак Асимов ги поставил неговите Три Закони за Роботика пред 75 години, тој мислел на андроиди – човеколики роботи кои ќе работат како слуги со програмирани правила кои ќе ги спречуваат да сторат зло. Но оттогаш технологијата има напреднато до тој степен што ние имаме далеку поинакво сфаќање за тоа како роботите изгледаат и како ние комуницираме со нив.

Асимов ги поставил Трите Закони за Роботика за да ги заштити луѓето при интеракција со роботите. Законите гласат:

  1. Робот не смее да повреди човечко суштество, ниту со неделување да дозволи повреда на човек.
  2. Робот мора да ги следи наредбите кои му се дадени од страна на човечки суштества, освен кога таквите наредби се спротивни на Првиот закон.
  3. Роботот мора да го заштити сопственото постоење, сé додека таквата заштита не е во спротивност на првите два Закони.

Според ова, еден очигледен проблем е разноликоста на роботите кои постојат денес. Треба да размислиме дали е потребно да се постави праг на комплексност, под кој ваквите закони нема да важат, бидејќи би било тешко да се замисли робот-правосмукалка кој би имал капацитет да повреди човечко суштество или да добива наредби. Од друга страна пак, имаме роботи кои работат во служба на војската, дизајнирани за шпионажа, исфрлање на бомби или носење товар, кои делуваат дека се под поголемо влијание на Асимовите закони, бидејќи се создадени  со цел да се намали ризикот над човечките животи во опасни околини.

Ако претпоставиме дека врвна воена цел е да се создаде вооружен робот кој би бил испратен на бојно поле, тогаш Првиот Закон – да не повредува луѓе – станува проблем. Целта на војската е да штити војници и цивили со тоа што ќе ги повреди непријателите. Со тоа, законите би требало да се разгледаат од различни перспективи и/или интерпретации.

ДНА наноробот

Постои можност да се создадат „роботи“ составени од ДНК и протеини кои би работеле на коригирање на генетски пореметувања; ваквите направи во теорија би требало да ги следат Законите. Но бидејќи овие направи би требало да станат составен дел од човекот, може да настане проблем востановувањето дали тие се доволно независни од телото за да бидат под влијание на Законите или ќе оперираат надвор од нив. Од практични причини би било невозможно таквиот робот да востанови дали наредбите кои ги добива ќе му штетат на човекот на кој му служи или не.

Kirobo Mini од Тојота

А што точно се смета за „човечко суштество“? Ако човек посвои бебе робот, какви што планираат да развијат во Јапонија, на долг рок тоа може да нанесе емотивна или психолошка штета. Но ваквата штета може да дојде до израз после години користење и не задолжително од директното делување на роботот. Истото важи и за многу поедноставен облик на вештачка интелигенција, како што е машината која учи да создава музика која поттикнува емоции.

Друг практичен проблем со Трите Закони е потребата од значителен напредок во ВИ за роботите да можат да ги следат тие закони. Целта на истражувањата со вештачка интелигенција е често опишана како „развивање машини кои можат да размислуваат и делуваат како луѓе“. Досега во полето на ВИ имитирањето на човечко однесување не е доволно добро истражено, додека развојот на  рационално однесување е фокусирано на јасно дефинирани, но ограничени области.

Можеме да заклучиме дека роботите би функционирале само во ограничен делокруг и било каква рационална апликација на трите Закони би била строго ограничена. Дури и тоа би било речиси невозможно со технологијата која ни е достапна во моментов, бидејќи на системите кои би можеле да резонираат и да донесуваат одлуки основани на овие закони би им требала значителна пресметувачка моќ. (considerable computational power e оригиналниот термин, дали одговара :)). Денес законите на Асимов се сведуваат само на основни принципи за создавање на код за роботика и би требало да се поткрепат со многу појасен сет на правила.

Без значителен развој на полето на вештачка интелигенција, имплементацијата на Трите Закони за Роботика на Исак Асимов е невозможна мисија. А да не ни размислуваме за количината на болка на која би биле подложни луѓето, доколку почнат да се заљубуваат во роботите. Сетете се што се случи во Ex Machina!

Претходна статијаТечна батерија може да се користи за ладење на компјутерските чипови
Следна статијаГермански научници тестираат вештачко сонце