4919526117_fec617c9af

Македонија го следи светскиот тренд (барем во делот на активизам) и пополека се раѓаат за прв пат во нашата историја граѓански иницијативи за легализација на марихуаната, пред се, за медицински цели (КанабисКлуб, 420Македонија, Зелена Алтернатива, итн.). Се подразбуди и Либералната партија која се обидува да се позиционира како пријател на легализацијата на канабисот, потенцирајќи ги економските ефекти од ваквите политики покрај медицинските („Нова економска гранка во Македонија: Канабис економија, Венко Глигоров, член на ЛП). Па, дури и Премиерот се огласи дека за ова прашање требало да решаваат „стручните лица“ откако ќе се проучат туѓите искуства (мој одговор).

На глобално ниво, веќе се гради широк консенсуз помеѓу економистите (пр. нобеловците Милтон Фридман, Вернон Смит, Џорџ Акерлоф и уште 500-тина други познати економисти потпишаа отворено писмо до Буш за легализација на канабисот уште во 2005 година) за позитивните фискални ефекти од легализацијата, отворањето нови работни места и нови бизниси итн.

Она што нас повеќе не интересира е тоа што за разлика од пред 5-10 години, денеска владее дигиталната економија и првиот момент кога се спуштија политичките бариери, канабисот веднаш стана  дел од стартап културата на Силиконската долина.

Мала дигресија со два-три збора за регулацијата на канабисот. Канабисот – како впрочем секое добро за кое има побарувачка – не може да се исфрли од употреба (повеќето анализи веќе го отвораат прашањето и дали т.н. „војна против дрогите“ воопшто има било какво намалување на побарувачката на марихуаната). Едноставно, кога нешто не е регулирано од Државата (т.е. е забрането, криминализирано) или пак, спонтано од „невидливата рака“ на пазарот (или некоја комбинација од двете), производот не исчезнува – го превзема „подземјето“. Ваквото „превземање“ ја менува целата структура на пазарот за забранетиот производ – наеднаш никој не сноси одговорност ниту гарантира за квалитетот на производот, ако сте жртва на „сакал“ немате никаков начин како да се справите со измамата, нереалните профити кои постојат само поради ограничената конкуренција се примамливи за криминалци и организирани банди (често со одлични врски со политичките „елити“), итн. Покрај ова, потрошувачите се изложени на стигматизација (која пополека се неутрализира со менувањето на културата и општествените норми кои пркосат на законите), а помладите имаа(т) недостаток на соодветни информации бидејќи целата тема е во одредена мера табу (во ерата на Интернетот овој проблем се неутрализира во голема мера). На крај, од криминализацијата на канабисот имаме интрузивна Држава која навлегува во нашата приватност (конзумацијата на канабисот е пред се личен избор!), доктори и научници кои можат само да шпекулираат за медицинските ефекти, алфи кои наместо да бркаат вистински криминалци се шуњаат низ паркинзи и паркови да бркаат мирољубиви стонери, организиран криминал и, да, неквалитетна марихуана. Додајте ги и уништените животи на голем број луѓе кои лежат во затвор за нешто што неминовно ќе биде легален бизнис во целиот свет. Така да, легитимно се поставува прашањето: ако народот го игнорира законот и не го гледа како криминал или грев конзумирањето/продавањето на канабис, во чие име работи власта и за какви цели е криминализацијата?!

Да се вратиме на темата. Во колумна во Економист (Silicon Valley meets Bob Marley) авторот ја објаснува атмосферата во Денвер, Колорадо по легализацијата на канабисот:

 Доктори на науки, технолошки гуруа и MBAs од Харвард се вмрежуваат со инвестициони банкари и менаџери на хеџ-фондови да привлечат финансии за бизниси кои ги опфаќаат сите аспекти од канабис-бизнисот, со особен фокус на аплицирање на бизнис моделот на „on-demand-apps”.

Meadow  на Дејвид Хуа, старт-ап познат и како Uber for weed, е компанија која им овозможува на лиценцираните корисници на медицинска марихуана да си го нарачаат лекот преку мобилна апликација на домашна адреса. Дополнително, на своите клиенти Meadow им нуди и закажување на видео-конференција со лиценциран доктор кој може да им даде дозвола/рецепт за медицинска марихуана ако одлучи на состанокот дека може да им биде од корист за здравствениот проблем. Секако, како што Uber се натпреварува со Lyft и останатите, Meadow го има главниот конкурент во EazeUp.

Очекувано, за оние пак кои се поамбициозни, за 1.500 долари од 2016 година Leaf ќе продава  автоматски систем/машина за одгледување марихуана во контролирана средина со цел да се постигне оптимум раст и потентност. Машината е поврзана со апликација со што корисникот постојано има контрола и увид во реално време во процесот.

CHEX (Cannabis Hemp Exchange) e спојка помеѓу blockchain и канабисот, креирајќи децентрализирана берза за канабис и негови деривати. Искрено, поима немам што точно значи ова (еве го подолу интрото), но звучи како кул-стартап.

На крај, променливото законодавство и политичарите кои сеуште неможе да се помират дека како што немаат право да одлучуваат што ќе излегува од устата на луѓето, исто немаат право ни да одлучуваат што ќе влегува, се сеуште најголем ризик и предизвик за канабис старт-апите во САД. Пазарот одговора на секоја сериозна побарувачка, па така и за ова. GreenBits е ап-компанија која им помага на канабис бизнисите да бидат во согласност со законите и големиот број на регулаторни барања.

https://www.youtube.com/watch?t=1&v=Ha5cZHKZeK4

Зошто да го немаме сето ова – или барем право и слобода да се обидеме да го достигнеме – и ние во Македонија?

Претходна статијаПосебен процесор во новите Nexus-и ги препознава сите движења што ги правите со телефонот
Следна статијаGoogle.com привремено купен за 12 долари