Сигурно повеќето од вас имате слушнато за кинеската компанија Xiaomi која што постепено стана една од најголемите производители на мобилни телефони во светот. Започнаа со познатиот MIUI ROM, променета верзија од Android оперативниот систем која што беше и уште е достапна за голем број на уреди за корисниците кои што сакаат нешто поразличен кориснички интерфејс. Во својата понуда Xiaomi веќе има неколку модели на одлични телефони, како и таблет компјутери.

Она по што се најмногу познати производите на оваа компанија се одличниот дизајн, хардвер кој што обично се гледа во други мобилни од високата класа, но по цени од средната. Кога ќе се земат овие работи во предвид, не е воопшто чудна брзината со која што оваа компанија напредува, полека и стабилно.

Изминатата недела имавме шанса да го користиме Mi 3 моделот од оваа компанија, кој што иако не е најновиот, сепак е претставен оваа година и има што да понуди. Веднаш по првото вклучување на уредот бевме изненадени од впечатокот кој што го остава, како самиот уред и екран, така и најновата верзија од MIUI корисничкиот интерфејс.

Xiaomi Mi 3 е достапен во нашата држава преку Hi Communications и може да се купи по цена од 17.990 денари за моделот со 16 GB меморија. На страната можете да ги погледнете сите достапни модели од компанијата, како и други додатоци за уредите кои што се дел од понудата.

xiaomi-mi3-f

ДИЗАЈН

Xiaomi Mi 3 доаѓа со 5 ичен екран и пластично тело без можност за отворање за замена на батеријата и слични други промени. Кога првпат почнавме да го разгледуваме уредот, веднаш не заинтересираа тврдењата дека компанијата работи на база на копирање на производите на Apple. Тоа можеби и не е далеку од вистината, меѓутоа до третата генерација од својот мобилен телефон, може да се види дека моделот е и посебно развиван. Кога е поставена некоја од футролите кои што доаѓаат во повеќе бои, уредот нас не потсети до некаде на некој од Lumia моделите од Nokia.

xiaomi-mi3-side

Телефонот вклучува само две копчиња кои што се поставени на неговата десна страна. Тие служат за негово вклучување и исклучување, односно отклучување и заклучување. Друго копче се наоѓа веднаш над ова и служи за зголемување и намалување на тонот. Остатокот од уредот е навистина чист и нема многу што ќе ви присмета при неговото користење. На горната страна се наоѓа приклучокот за слушалки, како и „фиокче“ за внесување на SIM картичката која што иако е стандардна, доаѓа со можност за внесување на micro SIM картичка со адаптер. На долната страна е поставена USB портата за полнење на уредот, како и поголем звучник. Сепак за жал, звучникот е еден, што значи дека нема да добиете стерео звук.

На задната страна покрај логото на уредот, поставена е уште камерата, како и двоен LED flash за сликање во темни услови. Телефонот е прилично лесен и покрај тоа што има нешто поголем екран и навистина е  удобен за користење.

КАРАКТЕРИСТИКИ

Како што напомнавме на самиот почеток, една од поинтересните работи на Mi 3-ката се неговите карактеристики кои што можат да се споредат со моделите од повисоката класа. Доаѓа со 5 инчен екран со Full HD резолуција, односно 1920 x 1080 пиксели и нивна густина од 441 ppi. Користењето на екранот, во комбинација на интересниот MIUI 6.0 е изненадувачки добро и доста време за здржавме разгледувајќи ги можностите на овој оперативен систем.

Mi 3 доаѓа со Qualcomm Snapdragon 801 чипсетот кој што ги вклучува Quad-core 2.3 GHz Krait 400 процесорот, како и Adreno 330 графичкиот процесор. Што се однесува до меморијата, уредот вклучува 2 GB RAM меморија и избор од 16 и 64 GB на внатрешна меморија.

Телефонот доаѓа стандардно со две камери од кои што задната е со 13 мегапиксели, а предната со 2 мегапиксели. Батеријата е со капацитет од 3.050 mAh и беше една од работите кои што пријатно не изненадија. Телефонот можеше без проблем да го издржи денот, се разбира со стандардното користење како главен телефон. Доколку не го користите, односно во standby режим, тој успеваше да остане со прилично добар процент со денови.

СОФТВЕР

Xiaomi Mi 3, односно моделот кој што го тестиравме, доаѓа со најновата верзија од Android оперативниот систем 4.4.4 KitKat. На негова основа е направен MIUI корисничкиот интерфејс кој што исто така е во неговата најнова верзија, односно 6.0. Можеби најголемата сличност со Apple производите за која што може да се слушне, доаѓа поради корисничкиот интерфејс. Тој веќе е направен во сличен стил, а најмногу се истакнува немањето на App Launcher, па сите нови апликации кои што ги инсталирате се поставени на home екраните. Како и да е, се што е дел од MIUI изгледа одлично, од иконите, до фонтот, менијата, па дури и апликациите кои што доаѓаат инсталирани со уредот.

Mi 3 доаѓа со веќе инсталиран софтвер за заштита од вируси и друг малициозен софтвер кој што можете да го прилагодите преку Security иконата која што е поставена на главниот екран. Исто така Xiaomi вклучува и уште неколку додатни апликации како што се Calendar, Clock, Mi Cloud, Mail, Calculator, Compass, Radio, Remote Controler, QR Scaner и повеќе. Покрај со вашата Google сметка, можете да се најавите и со Mi сметка кој што ви овозможува синхронизација со серверите на Xiaomi. Сите овие пред инсталирани апликации кои што доаѓаат со уредот можат да се прилагодат преку посебно мени наречено System Apps.

За крај можеме да кажеме само дека бевме навистина задоволни од овој уред кој што одлично работеше за се што правевме во овие недела дена. Поради добриот процесор, не бевме ниту еднаш во ситуација да уредот се закочи или замрзне, нешто што е често случајот со уредите кои што работат на Android оперативниот систем. Сепак оставаме простор дека тоа би можело да се случува после повеќе месеци на активно користење.

Претходна статијаDigitsole: Првата интерактивна влошка која ќе ги стопли вашите стапала
Следна статијаБлокирајте дронови, микрофони и Google Glass со Cyborg Unplug
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.