win-8-1-feat

Microsoft вчера ја направи достапна бесплатната надградба на финалната верзија на Windows 8.1 за сите лиценцирани корисници на Windows 8 на таблет или десктоп компјутери. Корисниците на било која друга верзија на Windows или друг оперативен систем, ќе мора да ја платат целосната лиценца која што е иста со цената што ја имаше и Windows 8. Во Smartportal ја имаме лиценцираната верзија на Windows 8 и вчера ја направивме надградбата, па денес ви ги пренесуваме нашите први импресии и искуството со новата верзија.

Надградбата беше едноставна и брза, без многу потреба за кликање од наша страна или избор на прилагодувања. Иако за секој случај направивме бекап на податоците, после надградбата се беше исто како и претходно, односно сите податоци, апликации, прилагодувања беа непроменети. Она што прво го забележавме кога почнавме да го користиме компјутерот е враќањето на Start копчето. Иако како што беше и познато го нема Start менито, односно истото е копче кое што само ве носи во Start екранот, според наше мислење е подобар начин за навигација, во споредба со ќошот во претходната верзија. Со Start копчето сепак нешто помало движење ви е потребно за да стигнете и кликнете на него, а и визуелната пристутност прави разлика.  Доколку сепак сакате да го имате и класичното Start мени и во 8.1 работат сите претходни програми кои го враќаат старт менито во различни форми, од класични, до менија со различен дизајн и функции.

Наредна работа што се забележува после веќе неколку минути на „чепкање“ на 8.1 е дека оваа верзија работи значително побрзо. Сите движења се поотсечни, нема каснење и целиот систем делува „постегнато“. Најголемата разлика во брзината се забележува при користењето на модерните апликации, односно при работа во Start екранот. Истите се стартуваат значително побрзо, па апликации, како Продавницата, кои очигледно им требаше нешто повеќе време да се стартуваат, сега многу побрзо го прават истото.

Сепак се работи за делумна надградба, а не за нова верзија на Windows, многу други промени не можат да се забележат без да почнете да правите промени или веќе да сте запознаени и да знаете што да побарате.

Она што наредно го направивме е избирањето на десктоп позадината како позадина и на Start  екранот. Нас лично ни се допаѓа оваа можност, дава одредена унифицираност помеѓу десктоп и Старт околината, нешто што беше и целта на Microsoft. Иако оваа верзија нуди поголема можност за персонализирање на боите и позадината на Start екранот, сепак после цела година, доаѓа можеби до заситеност, па во наредниот период ние ќе ја користиме истата позадина во двете околини. Избирањето на десктоп позадината како Старт позадина може да се направи на 2 начина. Со десен клик на Taskbar-от притискате на Properties и со тоа го отворате Taskbar and Navigation Properties. Одите на втората лента, Navigation и во вториот дел од прилагодувањата каде што пишува Start Screen го чекирате копчето до Show my desktop background on Start. Вториот начин е преку Start екранот, преку новиот начин за прилагодување на боите и позадините во таа околина, Personalise. До Personalise менито доаѓате со одење со глувчето во горниот или долниот десен агол (или со влечење од десно доколку користите екран на допир), односно со доаѓањето до Charms лентата. На неа на горниот дел се наоѓа Personalise менито со чие што кликање ви се отвора нова лента преку која што ги избирате боите и позадините. Една од позадините е и десктоп позадината.

Друга интересна работа што веднаш почнавме да ја испробуваме и користиме се двете нови големини на „плочките“ (Live Tiles). Покрај досегашните средна и широка големина, додадени се мала и голема. Ова според нас е доста интересно и корисно. Од една страна големите плочки изгледаат доста интересно, а даваат и повеќе информации. Нема уште многу прилагодени апликации кои што би ја користеле оваа големина, меѓутоа има неколку од Microsoft од кои што може да видите како функционира. Малата големина е исто така корисна, поради фактот што ние на Start екранот ги ставаме и десктоп програмите. Истите не се Live, односно не се апликации кои можат да прикажуваат информации во вистинско време на плочката. Сега истите ги ставаме во најмала големина, па не зафаќаат толку од просторот, а и изгледаат многу подобро.

Исто така во 8.1 редизајнирана е Mail апликацијата, па изгледа многу подобро, а направени се и неколку функционални промени. Како и на Gmail, пораките што стигаат се филтрираат и се прикажуваат во посебни папки. Моментално оваа функција работи само за email од Microsoft, односно нема да работи доколку преку оваа апликација ги добивате и пораките од Gmail или Yahoo. Промени се направени и во Продавницата за апликации. Истата има подобар дизајн и е подобро организирана во прикажувањето на апликациите. Надградба имаат добиено и останатите апликации што доаѓаат стандардно со Windows од Microsoft.

Достапни се и нови апликации од кои што нас најинтересна и корисна ни е Reading List. Ова е апликација која што да речеме го надоместува недостатокот на Pocket (Read It Later), а е слична на постоечката Evernote. Ова во основа се апликации кои служат за зачувување на веб страни, слики, белешки и слично и нивно споделување. Други нови апликации што се достапни се: Alarm, Calculator, Sound Recorder, Health and Fitness, Food and Drink.

reading-list-win

Ова се нашите импресии наредниот ден по инсталирањето на 8.1, па доколку имате некакви прашања или сакате да дознаете нешто повеќе за други функции и новости, слободно можете да пишете.

Претходна статијаMalwarebytes Anti-Malware достапна на Android
Следна статијаBing Weather за Windows Phone 8 со нови функции
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.