Galaxy S7 е еден од најдопадливите смартфони во моментов кај нас, нормално се додека не биде донесен Galaxy S8. Сепак, цената на овие уреди за многу корисници е висока, па за оние на кои најважен им е изгледот и статусот, Samsung ја има “Galaxy A” линијата на паметни телефони, која има скоро подеднаков дизајн на “Galaxy S” линијата, но по многу пониски цени.

Идејата е едноставна. Дизајнот и супер квалитетните материјали се преземени од повисоката класа, но спецификациите се како од средната класа. Резултатот е достапен смартфон кој изгледа како многу поскап телефон.

Имав можност да го тестирам новиот Samsung Galaxy A5 за 2017 година и генерално сум позитивно изненаден и покрај малку послабите компоненти, но останува фактот дека Galaxy A5 е и натаму скап телефон, особено споредено со кинеската конкуренција.

Дизајн и хардвер
На прв поглед, Galaxy A5 скоро и да не може да го препознаете – изгледа скоро подеднакво исто како Galaxy S7. Ги има и скоро истите димензии (малку е повисок и поширок бидејќи има за 0,1 инч поголем дисплеј, но има иста дебелина) и скоро исти линии. Навистина, треба да погледнете многу детално за да ги препознаете разликите (камерата и блицот назад се помали кај A5 2017).

Не помалку важно, Galaxy A5 2017 ја наследува и отпорноста на вода од својот поскап брат и тоа IP68 рејтинг, односно до длабочина од 1,5 метар, максимум 30 минути. Многу важна информација за оние кои ќе се подноват пред летните одмори.

Сето ова е секако добра работа – секој сака смартфон кој ќе изгледа луксузно и скапо. А бидејќи е изработен од стакло и алуминиум, на A5 не му недостасува ниту стил ниту луксузен визуелен печат. Навистина, ако изгледот кај еден смартфон ви е најважен, “Galaxy A” серијата за 2017 година треба да биде на вашиот радар за нов паметен телефон.

Дисплеј
Samsung Galaxy A5 е опремен со 5,2 инчен Super AMOLED дисплеј со Full HD резолуција. Ова можеби не е дисплеј кој е на нивото на Galaxy S7, кој има Quad HD резолуција, но е ѓаволски близу до него. Всушност, разлика во острината скоро и да нема, а самиот панел е исклучително квалитетен и има висок контраст, одлични бои и перфектна видливост на сонце. Да, Galaxy S7 е за малку подобар во сите категории, но фактот што A5 може да засрами некои конкуренти на S7 од високата класа е доволен показател за квалитетот на дисплејот. Дефинитивно, AMOLED екраните на Samsung се најдобрите на пазарот.

Софтвер
Еден дел каде Galaxy A5 2017 заостанува зад некои од конкурентите во средната класа е софтверот. Да не бидеме разбрани погрешно, Samsung има завршено солидна работа со скинот кој го има ставено, но Android верзијата е само 6.0.1 Marshmallow, а засега нема најава за надградба на Nougat.

Исто така, има некои чудни решенија – капацитивните копчиња во долниот дел засветуваат само откако ќе ги притиснете, наместо пред да го направите тоа за да знаете каде се наоѓаат ноќе, а некои важни опции, како “Do not Disturb” не се достапни во панелот за нотификации. И како и кај секој Samsung смартфон, голема забелешка имам на преголемиот број на инсталирани апликации кои не можат да се избришат, во овој случај цела плејада на апликации од Samsung и Microsoft.

Перформанси
Времето кога смартфоните од средната класа беа бавни и кочеа на секоја втора апликација дефинитивно помина. Galaxy A5 2017 е опремен со процесор со осум јадра на 1,9 GHz (Exynos 7880), 3 GB рам и солидни 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Благодарение на овие компоненти, работењето со телефонот е прилично мазно, со многу малку засецкувања при лансирањето на малку потешки апликации. Тука многу помага и количината на рам меморијата, која овозможува да користите повеќе апликации одеднаш без да има потреба да се освежуваат после секое излегување од нив.

Батерија
Galaxy A5 2017 е опремен со батерија од 3.000 mAh, со која без проблем ќе издржите до крајот на денот, секако се додека не претерувате со играњето на игри. Капацитетот на самата батерија и не е премногу голем, но веројатно за подолгото траење придонесуваат штедливиот чип и Super AMOLED дисплејот, кои трошат помалку енергија од вообичаеното. Многу ми се допадна и супер брзото полнење преку USB Type-C приклучокот, кое трае малку повеќе од еден час.

Камера
Камерите кај A5 се едни од поголемите адути на овој телефон. Задната има 16 мегапиксели и брза f/1.9 бленда и иако нема оптичка стабилизација, може да извади одлични фотографии преку ден и прилично солидни навечер. Секако, не очекувајте дека ќе може да конкурира на смартфон од високата класа, но за споделување на социјалните мрежи, A5 2017 има перфектно добра камера.

За многумина поважна вест е предната камера, која исто така има 16 мегапиксели и брза f/1.9 бленда. Ова не само што е добра селфи камера, туку е веројатно една од најдобрите на пазарот. Излишно е да се каже, но доколку ви се важни селфи фотографиите (а верувам особено се важни на снепчет и инстаграм генерацијата), овој паметен телефон може да е еден од најдобрите во моментов.

Заклучок
Samsung Galaxy A5 е целосно добро осмислен паметен телефон. Има допадлив дизајн, одлична луксузна изработка, солидни перформанси, одличен дисплеј и респектабилни камери. Всушност, единствената поголема забелешка е на неколку недостатоци во софтверот, кои сигурен сум нема особено многу да им пречат на корисниците на овој паметен телефон.

И навистина, има кинески конкуренти кои нудат исти спецификации за многу пониска цена, но како целосен пакет, скоро никој не може да се мери со квалитетите на Galaxy A5. Секако, како и секогаш, за таков уред ќе треба да одвоите и премиум сума, па затоа, добро разгледајте ги сите опции и потреби пред да се одлучите.

Претходна статијаWestern Digital го претстави својот прв преносен SSD диск
Следна статијаFacebook одбележа 5 милиони активни огласувачи