Денес кај повеќе од половината корисници кои размислуваат за смартфон од високата класа, изборот паѓа на iPhone или Galaxy S, односно Note. Останатите производители држат многу помал дел од колачот и навистина е реткост да ги видите околу вас. Штета, зошто многу од овие купувачи пропуштаат навистина добри смартфони, како на пример Moto Z.

Телефонот зад кој сега стои Lenovo има уникатен сет на карактеристики и можности, кои не се достапни во ниту еден друг модел во класата. Неговата модуларност, односно можноста да прикачите дополнителни модули кои ќе го подобрат искуството е супер начин да го извадите максимумот од него. И не само тоа – Moto Z е целосно добро осмислен смартфон кој дури и без дополнителните модули, ќе ги задоволи и најпребирливите купувачи.

Дизајн и хардвер
Moto Z е целосно изработен од стакло и алуминиум. Поточно, рамката на смартфонот е изработена од алуминиум, додека предниот и задниот дел се од стакло. Она што прво се забележува кога ќе се земе во рака овој телефон е колку е тенок – само 5,2 mm! Заедно со заоблените линии ова оддава одличен впечаток, иако моја забелешка е дека предниот читач за отпечатоци можел да биде исто така заоблен, а не квадрат.

Камерата во задниот дел пак е прилично испакната, но тоа е со причина – да ги држи модулите во место. Всушност, кога сме веќе кај нив, Moto Style Shell се модули кои мора да ги имате – го штитат телефонот, му даваат уште полуксузен изглед (достапни се во дрво, кожа и текстил, а доаѓаат бесплатно со телефонот) и ја елиминираат испакнатоста на камерата. Текстилниот кој го имавме на тест изгледа одлично, добро го штити телефонот и добро лежи во рака, иако е малку лизгав.

Изработката е извонредна – тука нема никакви забелешки. Телефонот е цврст и скоро никаде нема зјај, што секако треба да се очекува од смартфон од високата класа. Звучникот е поставен во долниот дел и е доволно гласен, но за супериорно аудио искуство сепак подобри ќе бидат два стерео звучници поставени во предниот дел.

Дисплеј
Moto Z има AMOLED дисплеј со големина од 5,5 инчи и Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели. Се работи за екран со многу висок квалитет, кој има извонредна острина и контраст, како и длабоки бои. Можеби не е на нивото на Super AMOLED панелите на Samsung, кои се најдобри во светот, но е ѓаволски близу до нив. Дисплејот на Moto Z може да се пофали и со одлична видливост на сонце, а има и многу широки агли на гледање. Навистина, доколку барате телефон со топ дисплеј, Moto Z секогаш треба да е во потесната листа.

Софтвер
Чист „ванила“ Android е она што ќе го добиете во Moto Z и јас морам да аплаудирам на оваа одлука. Освен неколку подобрувања на Motorola (Lenovo), ова е Android каков што го замислил Google. Телефонот доаѓа со Android Marshmallow 6.0.1, но ние веднаш го надградивме на Nougat 7.0. Да, надградбата е веќе неколку месеци достапна и Moto Z ќе биде смартфон кој најбрзо ќе добива нови надградби, настрана од Nexus и Pixel телефоните.

Кога сме кај подобрувањата на Lenovo, тие главно се однесуваат на интеракцијата со телефонот. Него може да го повикате и додека е заклучен (реагира само на вашиот глас), камерата може да ја пуштите со свртување на дланката два пати, додека блицот може да го пуштите со „чукање“ на телефонот странично. Исто така, Moto Z нема да се заклучи или да го згасне дисплејот се додека гледате во него, што е одлично за оние кои ги користат своите смартфони за читање на долги текстови. Moto Z има и сензори кои знаат кога ќе го извадите од џеб и веднаш го покажува времето и последните нотификации.

Перформанси
Snapdragon 820 процесор и 4 GB рам, во комбинација со чистиот Android Nougat 7.0, се рецепт за едно супер мазно искуство. Го користев телефонот скоро еден месец и во ниту еден момент не почувствував забавување во работата. Апликациите се стартуваат инстантно и долго остануваат во рам, а анимациите се супер мазни.

Moto Z е опремен и со солидни 32 GB простор, а има и слот за micro SD картичка (на местото на втората SIM картичка) за оние кои често ќе го користат за фотографирање и снимање на Ultra HD видеа.

Батерија
Moto Z има прилично мала батерија од 2.600 mAh, особено за моќен уред од високата класа со толку голем дисплеј. Капацитетот на батеријата многу добро се пренесува и во реалниот свет – доволен е за користење од утро до вечер, но не за многу повеќе. Ова не е смартфон кој ќе го полните преку една ноќ, освен ако не го користите премногу, бидејќи кога не е вклучен, батеријата губи многу малку од полнењето. За ова особено се заслужни оптимизациите во Android Nougat.

Камера
Moto Z е опремен со камера со 13 мегапиксели и брза f/1.8 бленда во задниот дел. На хартија ова е одлична комбинација и истата се покажува одлично доколку ја користите за денски фотографии. Острината е одлична, боите се длабоки и имаат одличен контраст. Сепак, во потемни или вечерни услови, Moto Z малку заостанува зад најдобрите во класата, како Galaxy S7 и iPhone 7.

Ова не значи дека нема да бидете задоволни со оваа камера – способна е за одлични фотографии, но главните конкуренти нудат малку повеќе. Од друга страна, задната камера е одлична за снимање на Ultra HD видео – има супер стабилизација и финалниот резултат ќе биде прилично стабилен дури и ако одите додека снимате. Предната камера пак има 5 мегапиксели и f/2.2 бленда и вади солидни селфи фотографии. Подолу и неколку тест фотографии, преку кои ќе може да ги видите можностите на камерата во денски услови (со автоматски HDR) и во ноќни/темни услови.

Сепак, доколку сакате да извадите максимум од Moto Z, препорачувам да го купите Hasselblad модулот за камерата. Овој модул има сензор со 12 мегапиксели и 10х оптички зум, што отвора многу нови можности во фотографирањето. Повеќе за Hasselblad додатокот ќе може да прочитате во посебна рецензија, наменета само за него.

Телефонија и поврзување
Moto Z е опремен со модем за сите 4G мрежи и може да постигне исклучително високи интернет брзини на нашите оператори. Покрај тоа, одличен е и за телефонирање – има гласен звучник, кој вади чист звук, а и соговорниците ќе ве слушнат подобро поради дополнителниот звучник за елиминирање на околната бучава.

Заклучок
Одлична изработка, супер квалитетен дисплеј, високи перформанси и респектабилна задна камера. Навистина, на Moto Z не можат да му се најдат многу забелешки, освен малку помалата батерија од 2.600 mAh. Јас целосно уживав во неговото користење и немам никаков проблем да го препорачам и на пријател – се работи за навистина извонреден смартфон.

Неговите можности можат особено да се подобрат со додатокот на различни модули – покрај Hasselblad камерата, достапни се и дополнителна батерија, проектор и JBL звучник. Доколку и барем еден од овие модули ви делува интересно, Moto Z е единствениот смартфон на пазарот кој ќе понуди модуларно искуство без никакви проблеми. Едноставно, модулот се прикачува преку магнет, без потреба од гасење на телефонот. Толку е лесно што може да го направи и мало дете.

Цената на Moto Z од 43.999 денари во СЕТЕК сепак може да биде висока за многу корисници, иако е конкурентна на најдобрите телефони од останатите производители. За оние со поплиток џеб, препорака е Moto Z Play, кој може да ги користи истите модули, но има малку послаб дисплеј (Full HD), послаба камера и послаби перформанси, но и подолго траење на батеријата. Moto Z Play чини 29.999 денари.

Претходна статијаSilent Pocket футрола за телефон која ќе го „исклучи“ од мрежата
Следна статијаCanonical пушти посебна страна со туторијали за Ubuntu