DSC_0874

Многумина од читателите не знаат, но Lenovo е еден од најголемите производители на паметни телефони во светот, како и најголем производител на компјутери во светот. Се работи за исклучително квалитетен бренд, кој има висок процент на задоволни купувачи.

Кај нас и покрај тоа што купувачите му веруваат при купувањето на компјутери и лаптопи, Lenovo не е особено популарен на смартфон сцената, што според импресиите што ги имав од Vibe S1, нивниот уред од средно високата класа, е целосно неоправдано.

DSC_0524

Lenovo Vibe S1 инаку се наоѓа во се попопуларниот сектор на премиум телефони со пониска цена од онаа на етаблираните Galaxy S и iPhone модели. Иако има двојно пониска цена од нив, смартфонот на Lenovo не делува воопшто евтино на прв поглед – напротив, може лесно да ги излаже Вашите пријатели дека се работи за многу поскап уред…

Дизајн и хардвер
Однадвор, Vibe S1 го карактеризира органски и флуиден дизајн, со преден дел кој малку потсетува на iPhone и заден дел кој потсетува на Galaxy S7. Ова и не е лоша работа – линиите се одлично вклопени и се работи за уред кој лесно го уловува погледот на луѓето одоколу. Димензиите се компактни со оглед на големината на дисплејот од 5 инчи – 143,3 x 70,8 x 7,8 mm.

DSC_0877

Телефонот е изработен од стакло во предниот и задниот дел и метална рамка која се протега странично. Ова придонесува за дополнителната цврстина на уредот – Vibe S1 делува премиум во рака. Особено импресионира прецизноста со која е склопен – кога го држите во рака, чувството е дека е излеан од едно парче, како скоро и да нема зјај меѓу компонентите.

DSC_0885

Поставеноста на копчињата и приклучоците тука е прилично стандардна – копчињата за гласноста и за отклучување/заклучување се поставени на десната страна, слотот за SIM картичките и за micro SD картичката е поставен на левата страна, влезот за полнење е поставен во долниот дел, заедно со звучниците, додека излезот за слушалки е поставен во горниот дел.

DSC_0875

Единствен мал недостаток е што звучниците поставени во долниот дел е лесно да се блокираат при гледање на видео или играње на игри и притоа скоро целосно се намалува звукот кој доаѓа од нив. Сепак, ова е проблем кој го имаат поголемиот процент на паметни телефони – вистинска реткост се моделите со звучници поставени во предниот дел.

Дисплеј
Lenovo Vibe S1 има дисплеј со големина од 5 инчи и Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели. Ова значи дека нема да може да им конкурира на телефоните од високите класи, кои веќе имаат Quad HD резолуција, но јас се уште не можам да забележам разлика во острината, односно и на овој дисплеј, дури и ако се гледа одблизу, не може да се забележат пикселите.

DSC_0883

Боите на дисплејот се прилично природни со малку ладен, син баланс на белата боја, но Lenovo има вградено софтверска можност за промена кон потопол баланс кој помалку пречи на очите, особено навечер. Софтверски е вграден и посебен мод кој значително го осветлува дисплејот и кој е особено погоден за преку ден и на силно сонце. Задоволен сум и од контрастот, иако не очекувајте длабока црна боја како кај AMOLED дисплеј, додека аглите на гледање се одлични.

DSC_0890

Се на се, дисплејот на Vibe S1 е позитивно изненадување – можеби не е најдобриот дисплеј што може да го имате во еден паметен телефон, но нуди скоро подеднакво искуство при гледање преку ден и навечер, со одлична острина, природни бои и солиден контраст. Особено радува што корисникот може да ги измени параметрите преку вградените подесувања – на овој начин секој ќе го добие она што го посакува.

Софтвер
Lenovo Vibe S1 доаѓа со вграден Android 5.0 Lollipop, со наскоро достапна надградба на Marshmallow. Како и кај сите свои модели, Lenovo и тука има вградено свој скин, кој донесува измени во дизајнот на иконографијата и целосниот изглед на оперативниот систем, но не делува пренападно и има прилично униформен изглед низ целиот кориснички интерфејс.

DSC_0868

Она што е веројатно недостаток на скинот на Lenovo е што нема дел каде стојат сите апликации, односно популарниот “App Drawer”. Тука, секоја нова апликација што ќе ја инсталирате оди на наредниот почетен дисплеј, како кај iPhone, што после неколку месеци користење, може да направи вистински хаос, особено ако се одлучите да ставите и по некој виџет… За среќа, ова е Android па корисникот може да инсталира друг “Launcher” која има “App Drawer”.

Перформанси
Во внатрешноста на Vibe S1 е вграден MediaTek MT6752 процесор со осум јадра на 1,7 GHz, кој според бенчмарк мерењата што ги најдов, лесно го победува Snapdragon 615, што значи дека се работи за прилично моќен чип, кој е опасно близу до оние во телефоните од високите класи.

И навистина, користејќи го телефонот околу 10 дена, можам да потврдам дека Vibe S1 е исклучително флуиден и брз телефон. Едноставно, сите апликации се стартуваат многу брзо и анимациите се извршуваат без паднати фрејмови. Mali-T760MP2 графиката е исто така одлична и скоро на сите 3D игри на кои ги пробав, овозможува играње без сецкања, со можност за подесување на графиката на максимум онаму каде што е достапно, без да паднат перформансите.

DSC_0882

Она што особено позитивно изненадува е што Vibe S1 има 3 GB рам меморија, што е веројатно и поважно од самиот процесор. Благодарение на ова, телефонот нема да кочи ниту после подолго време користење, односно сите апликации кои често ги користите, ќе се стартуваат инстантно откако ќе притиснете на иконата, дури и ако не сте ги стартувале подолго време. Јас успеав да задржам повеќе од 10 апликации во рам меморијата, што е навистина повеќе од доволно.

Уште еден позитивен податок е што Vibe S1 има 32 GB вграден простор – повеќе од многу смартфони од високата класа, кои во основните модели доаѓаат со срамни 16 GB. Тука е достапен и слот за micro SD картичка до 128 GB, но таа одзема од просторот за едната SIM картичка, односно не може да имате две SIM картички и micro SD картичка во исто време.

Батерија
Со батерија од 2.420 mAh, Vibe S1 барем на хартија не делува дека ќе трае премногу со едно полнење и навистина, не очекувајте повеќе од еден ден користење, освен ако не го користите многу ретко телефонот. Со околу 1 час зборување дневно, 1 час гледање видеа и 1 час користење на останати апликации и играње игри, јас успеав без проблем да го користам Vibe S1 цел ден, со останати околу 25-35% батерија.

DSC_0880

Она што особено импресионира е трошењето на батеријата при стендбај, а благодарение на Dose функцијата во Android Lollipop – преку ноќ, со пуштен интернет и нотификации, батеријата губи само 3-4% полнење, што е навистина импресивно и што значи дека доколку не го користите премногу телефонот, тој скоро и да нема да изгуби на полнењето преку ден.

За оние кои сакаат повеќе траење, напомена дека батеријата во Vibe S1 не може лесно да се отстрани, односно не е секојдневно променлива, што значи дека веројатно ќе треба да користите надворешна батерија за полнење.

Камера
Lenovo Vibe S1 е опремен со камера од 13 мегапиксели во задниот дел со f2.2 бленда, која може да снима и Full HD видео. Се работи за прилично солидна камера за сликање преку ден, кога вади природни и длабоки бои, со прилично добра острина и малку шум. Сепак, навечер или во потемни услови, фотографиите се прилично замачкани и немаат многу фини детали, што е веројатно направено со цел да се исчисти шумот, нешто што е карактеристично за телефоните во оваа класа.

IMG_20160401_185509
Auto фотографија
IMG_20160401_185516
Фотографија со HDR мод

Сепак, кај Vibe S1 главниот адут е предната камера, односно двете предни камери. Основната камера тука има резолуција од 8 мегапиксели, а до неа е вградена уште една камера со 2 мегапиксели, која ја мери длабочината на субјектите на фотографијата. Благодарение на ова, со специјален софтвер, Vibe S1 може да имитира професионален апарат, односно може да ја „замачка“ позадината, со цел подобро да се издвои субјектот (дури може и целосно да се исечете од позадината), односно во овој случај вие.

Селфи фотографија со двете камери и ефект на плиток фокус
Селфи фотографија со двете камери и ефект на плиток фокус

Овој систем работи прилично добро и може да извади импресивни резултати, иако понекогаш има проблем добро да ја издвои развеаната коса кај девојките. Секако, не очекувајте ни дека резултатите ќе можат да конкурираат на оние од професионалните апарати, но се постигнува солиден ефект на намалување на длабочината на фотографијата, односно таканаречен плиток фокус, за да ги импресионира луѓето на социјалните мрежи.

Тука секако помага што предната камера вади одлични детали преку ден, добро ја прикажува бојата на кожата и дури има и посебен мод кој може да го направи лицето помазно и да го исчисти од несаканите „имперфекции“. И интересно, за максимум доживување, корисниците можат дополнително да купат Vibe Xtension селфи блиц, кој се прикачува на излезот за слушалки.

IMG_20160401_193406
Ноќна фотографија

Ако досега не бев јасен – да, Lenovo Vibe S1 ја има најдобрата предна камера што јас сум ја користел и веројатно една од најдобрите предни камери кај смартфоните, воопшто. Ако сакате квалитетна селфи камера, ова треба да е еден од смартфоните на вашата листа.

Телефонија и поврзување
Како и скоро сите телефони кои доаѓаат од Кина и Vibe S1 има Dual SIM можност, но само ако едното место не го зафаќа micro SD картичка. Телефонот има можност за 4G поврзување, како и Dual Band Wi-Fi, што значи дека не би требало да имате проблем со брзината на интернетот. Повиците се исто така чисти и јасни и јас не почувствував дека телефонот губи сигнал дури и во деловите каде е послаб.

DSC_0529

Заклучок
После околу 10 денови користење на Vibe S1, не само што ќе кажам дека е одличен паметен телефон, туку и јас лично се навлеков на неколку негови карактеристики, кои направија да го посакам во мојот арсенал на паметни телефони, особено поради коректната цена од 22.980 денари (во TNT it market).

DSC_0530

Иако не сум човек кој често сака сам да се фотографира, користењето на предната камера тука е особено забавно, исто како и целосното користење на телефонот. Vibe S1 има одличен дизајн, премиум изработка, солиден дисплеј, високи перформанси и прилично добра задна камера, што се карактеристики кои опасно го доближуваат до уредите во високата класа, па за оние кои сакаат квалитетен паметен телефон со овие карактеристики, Vibe S1 треба да е на потесната листа.

Претходна статијаПостојат над трилион видови на нашата планета
Следна статијаXiaomi го претстави огромниот Mi Max – 6,44 инчен екран и голема 4.850mAh батерија