Image result for enders game book

Играта на Ендер (Ender’s Game) несомнено е дел од „гигантите“ на НФ литературата на 20-от век. Ова дело напишано од Орсон Скот Кард е во ист ранг со Дуна, Господар на прстените, Игра на Тронови, Невромансер и др. романи кои го збогатија жанрот на НФ/Фантазија со својата иновативност, возбудливи приказни и повеќедимензионални ликови со кои можеме да се поврземе. Но, сметам дека не треба да го ограничиме ова ремек-дело само на влијанието кое го има врз жанрот на научна-фантастика. Играта на Ендер е една од најдобрите книги напишани во минатиот век. Точка. Леснотијата со која се чита дава впечаток дека се работи за лесно четиво, но сепак тоа се должи на беспрекорната умешност на Скот Кард, кој со овој роман (кој прерасна во серијал) се смести помеѓу великаните на жанрот.

Наративот на Играта на Ендер го следи периодот во кој Земјата се наоѓа во воен готовс. Во центарот на дејствието е 6-годишниот Ендру Вигин (Andrew Wiggin) кој станува централна фигура во конфликтот кој е во сржта на приказната и од него се очекуваат многу работи, меѓудругото и обезбедување на опстанокот на човечката раса. Лесна работа за 6-годишен клинец.

Вигин е роден во период во кој Земјата има претрпено две инвазии од вонземјанска раса (во книгата се наречени the buggers). Меѓународната флота (International Fleet – IF), свесна дека постои ризик од трета инвазија, го следи развојот на младите деца со цел да воочи кои од нив имаат способност и потенцијал да се развијат во лидери кои ќе ја бранат Земјата од наредната инвазија на вонземјаните. Првично тие се интересираат за постариот брат на Ендер, Питер, но откако тој не ги задоволува нивните очекувања (поради тоа што е садист), на фамилијата Вигинс им било дозволено да имаат и трето дете, па оттаму на земјата и се случува Ендру Вигин.

Ендру, односно Ендер (неговиот надимак во книгата, што во превод значи Завршувач – Finisher, што е релевантно за крајот на приказната) евентуално е испратен во вселената на тренинг камп (Battle School) со стотици други негови врсници, каде што тие заедно тренираат и учат боречки вештини и воени стратегии преку компјутерски симулации, воени видео игри, и учат од најголемите генерали и војници кои се бореле за планетата Земја во текот на изминатите две инвазии. Ендер бргу напредува и прераснува во еден од најдобрите ученици кои се појавиле во тренинг кампот што се должи на неговиот природен талент и способност за брзо размислување во стресни ситуации.

Ендер покажува дека не само што има потенцијал, туку дека тој веќе е генијален командант кој веднаш може да придонесе во борбата против buggers. Тоа му носи популарност, но и повеќе непријатели со кои се справува на невообичаени начини (кои вклучуваат насилство). Без разлика, луѓето на врвот на Ендер гледаат како на месија, „ветениот“ дојден на земјата за еднаш и засекогаш да ја заврши војната. Таквиот притисок игра улога и врз психата на Ендер, кој уште од многу млади години треба да глуми возрасен генерал.

Меѓународната флота употребува повеќе неконвенционални методи за да им влезе „под кожа“ на Ендер и на неговите „соборци“ со цел да ги предизвика да го очекуваат неочекуваното кога тоа ќе биде најважно: среде борба со вонземјаните. Оттаму, книгата навлегува во низа етички дилеми кои и онака би биле дискутабилни кога би биле применети, а не па кога се вклучени и малолетни деца од кои повеќето немаат наполнето ниту десет години. Поради ова на моменти Играта на Ендер е тешко четиво. Ликот на Ендер е толку многу добро осмислен што не можете а да не сочуствувате со неговите болки и страдања. Етичкиот момент на (зло)употреба на моќта е исто така една од главните теми во книгата, и како таа го менува општеството во кое живееме. Дел од приказната се и сестрата и братот на Ендер (Валентина и Питер) кои прераснуваат во влијателни „блогери“ кои под псевдоним објавуваат политички есеи на онлајн форуми. Имајте на ум, книгата е напишана во осумдесетите години.

Крајот е еден од најизненадувачките кои некогаш сум ги сретнал во книга. Кога ја завршив не можев да се соземам некое време од сознанието што навистина била целта на тренинг кампот, зошто децата се подложени на таков суров и интензивен boot camp, и која била крајната цел на луѓето кои ги врбуваат овие деца.

Книгата доживеа и своја екранизација пред неколку години, но впечатокот е далеку поразличен кога навистина ќе „влезете во мозокот“ на Ендер, а тоа можете да го сторите само преку книгата. Ликот на Ендер е неверојатно тешко верно да се одглуми, а за да дознаете зошто, ќе мора да ја прочитате.

Претходна статијаСоработка на MobilEye и Here за автономна автомобилска технологија
Следна статијаAndroid апликации кои најмногу ја трошат батеријата