4-8-nrc-evaluates-nasas-orbital-debris-programs

Што мислите, колку отпадоци има во орбита околу Земјата? Илјада, пет илјади, пеесет илјади?! Според NASA, тие следат повеќе од 500.000 парчиња кои орбитираат околу Земјата и тоа се само дел од тие кои можат да ги следат. Целосната бројка се проценува на неколку милиони.

Изгледа дека не фрламе каде ќе ни текне само доле на Земјата, туку и во орбитата. Голем дел од овие парчиња се создадени при стотиците вселенски мисии и лансирања на сателити. Секое лансирање користи ракети кои потоа се отфрлаат. Еден дел од ракетата паѓа доле на Земјата, а други парчиња остануваат во некоја чудна орбита околу нејзе и така можат да останат стотици години.

Понекогаш се случуваат и судири меѓу парчиња, вселенски летала, па дури и меѓу сателити. При судирот на големи тела со голема брзина тие често се распаѓаат во уште повеќе мали парчиња кои повторно кружат долго време или никогаш не паѓаат.

Канадскиот космонаут Крис Хедфилд пред некое време забележал дупка на Меѓународната вселенска станица во едниот сончев панел. Според него, мало парче кое се движело со голема брзина го пробило панелот и среќа било што не удрило во главниот дел од леталото.

Во друг случај, во 1996 година француски сателит се судрил и оштетил од парчиња од француска ракета која експлодирала цела декада пред тоа. Во 2009 г. нефункционирачки руски сателит се судрил со функционирачки американски, а сударот додал повеќе од 2.000 нови парчиња.

Задоволително решение засега нема, но оставаме простор паметните мозоци од Русија, САД, Кина и останатите вселенски-релевантни земји да смислат некое пред да почне да се губи Сонцето од плашт ѓубре.

Извор: NASA, Mashable

Претходна статијаЕден уметник ги „вади“ телефоните од фотографиите за да ја покаже зависноста од нив
Следна статијаLG TONE+ – Супер квалитетно аудио во лесни за носење Bluetooth слушалки