Секојдневно слушаме за напредок во траењето на батериите и како во иднината ќе има такви кои ќе траат со денови пред да треба повторно да ги наполниме. Но, тоа веќе не е начин на кој размислуваат некои научници – според многу еминентни личности од науката, нашето тело ќе биде изворот на енергија за преносливите геџети.

Најлесниот начин да се направи ова е со користење на топлината од телото. Како што сите знаеме, во текот на денот нашето тело произведува многу топлина, која може да се искористи како извор на струја преку термоелектрични генератори. Овие генератори функционираат на тој начин што произведуваат електрична енергија преку разлика меѓу температурите на телото и надворешноста.

Во принцип, во многу случаи може да се искористи тоа што телото е и поладно од околината (како во овие жешки летни денови), но најчесто телото ќе има повисока температура од таа на околината. Како и да е, во скоро сите случаи овие генератори ќе можат да произведуваат електрична енергија, потребна за напојување на електронски направи.

Ваквиот начин на производство на електрична енергија сепак нема да може да ги задоволи потребите на еден смартфон, но е доволен за напојување на паметни уреди кои се носат, како на пример медицински уреди за мерење на состојбата на телото. Ова се уреди кои користат многу малку енергија и кои денес можат да функционираат и неколку години со една батерија. Сепак, можноста да работат целосно без батерија е секако многу привлечна.

Друг начин за црпење на електрична енергија е преку фрикција, односно статичкиот електрицитет кој се јавува секогаш кога се случува триење. Ова може да се постигне со поставување на флексибилен материјал на облеката, кој константно би се триел од телото, нешто што го правиме со нашата облека скоро секогаш кога ја носиме на себе. Доколку е изработен од полимер, овој флексибилен материјал би можел да произведе и неколку вати енергија, која е доволна за да напојува и една мала сијаличка.

Овие технологии се уште не се спремни за широката јавност – за тоа ќе треба да поминат уште барем неколку години. Сепак, ветувачки е напредокот кој се постигнува на ова поле – во иднината би можеле целосно да се збогуваме со батериите и тоа е една од најдобрите работи што би можеле да се случат.

Извор: The Verge

Претходна статијаiPhone 8 ќе има варијанта со изработка како огледало
Следна статијаПатничките авиони ќе летаат 5 пати побрзо од звукот со нов керамички материјал?