Израелскиот старт-ап Faception предизвика низа реакции во јавноста откако објави дека технологијата на која работат има за цел, преку анализа на лицето да одреди психолошки профил на луѓето. Во прв момент звучи неубедливо и доста амбициозно споредено со реалните технолошки можности. Но, Faception, се уверени дека можат да развијат софтвер кој ќе биде во состојба да ги „прочита“ психолошките параметри на човекот.

Принципот по кој работи е во суштина „едноставен“. Се работи за анализа на серија фотографии од ликот на човекот направени во различни ситуации.  Понатаму, системот добива опис на обележјата на лицето, како на пример висината и ширината на лицето, позицијата на очите и слично.

Секако, најинтересниот дел доаѓа кога програмот анализирајќи десетици карактеристики изработува профил на личноста базиран врз конкретно однесување и фацијални експресии. Па така, develop-ерите се убедени дека на тој начин може да се открие, меѓу другото, професионален покер играч, промотер, насилник или терорист. Важно да се напомене, е дека програмот анализира исклучиво физички карактеристики на ликот, игнорирајќи елементи како накит или фризура, со што се држи до конкретна анализа на неконтролирани знаци кои ги испраќа ликот на анализираниот.

За време на развојот на програмот, биле користени илјадници фотографии и видеоматеријали од познати случаи, а резултатот бил повеќе од задоволителен. На пример, програмот бил тестиран со фотографии од 11 лица поврзани со терористичките напади во Париз, препознавајќи како терористи дури 9 од нив. Според заклучоците на самата компанија, прецизноста со која располага алгоритмот изнесува околу 80%.

Покрај во цел на безбедност, програмата би можела да најде одлична примена во светот на бизнисот, особено при третманот со клиенти, велат од компанијата. Меѓутоа реакциите кои ги предизвика Faception се во добар дел негативни. Обвинувањата доаѓаат врз основа на големата шанса алгоритмот да направи грешка. Особено ако се работи за чувствителни теми, како препознавање терористи, педофили или друг вид на престапници. Грешка во анализите може да доведе до погрешно „етикетирање“ на личност која сосема случајно испраќа некои сигнали.

Погрешната намена, како и просторот резервиран за грешки во калкулацијата, допрва ќе биде тема на етички дебати. Тука не се работи само за конкретниот програм, туку генерално начинот на кој се пристапува кон луѓето, односно површното категоризирање.

Претходна статијаЕлектронски уред за надзор на работата на срцето во секое време
Следна статијаФлексибилен соларен панел кој е за 80% полесен од обичниот