NASA/Dana Berry/SkyWorks Digital
NASA/Dana Berry/SkyWorks Digital

Сите кои имале барем краток допир со физика и космологија или изгледале барем неколку научно-фантастични филмови слушнале за црни дупки. Тие се супермасивни вселенски објекти кои имаат толкава маса и густина што од нив не може да побегне ништо, па ни најбрзото нешто во вселената – светлината. Сонаоѓачот на овие објекти, познатиот научник Стивен Хокинг, ги има предложено во 70-тите години како еден вид на објаснување на ефектите врз космосот кој го имаат супермасивните ѕвезди кога ќе го завршат својот живот. Теоријата за црните дупки исто така се надградува на Ајнштајновата теорија за релативитет – но за жал е во спротивност со другата главна физичка теоретска основа денес, квантната механика.

Баш поради овој конфликт меѓу двете теории, таа за макро светот (релативитет) и микро светот (квантната механика), се почесто научниците доаѓаат до ситуации во своите пресметки и истражувања кои укажуваат дека постоењето на црните дупки е сомнително.

Американскиот теоретски физичар Д-р Лаура Мерсини-Хјутон во својот најнов објавен труд (можете да го проверите на ArXiv: http://arxiv.org/pdf/1409.1837v1.pdf) нуди математичка пресметка која кажува дека информацијата (материјата и енергијата) која влегува во објект налик на црна дупка не исчезнува туку напротив, се емитува надвор од истата и со тоа самата црна дупка се намалува во маса и густина. Кога ваквото емитување на информација ќе достигне одреден степен, црната дупка експлодира.

Ваквите наоди ја имаат шокирано и самата Мерсини-Хјутон која вели дека „го студиравме овој проблем повеќе од 50 години и ваквото решение ни` дава многу за размислување“. Интересното е што слично тврдење неодамна има дадено и самиот Хокинг, при неговиот обид да го помири конфликтот меѓу двете најзначајни физички теории на денешницата.

Ако е точен, ваквиот резултат до кој доаѓа Д-р Мерсини-Хјутон би значел помирување на погорните теории до одреден степен. Имено, поради масата сепак би настанало закривување на просторот како што диктира Ајнштајновата теорија на релативитет, но воедно би се подржал и принципот на квантната механика кој кажува дека во Универзумот ниту една информација не може да биде уништена или изгубена.

Останува да видиме како ќе се разврзе ова во следните наоди на космологијата. Дотогаш, бидете среќни што сме далеку од хоризонтот на влијание (анг: event horizon) на најблиската црна дупка, В4641 Сгр.

За повеќе информации околу оваа тема погледнете го следниот инфографик: http://www.space.com/19339-black-holes-facts-explained-infographic.html

Извор: Geek, Space.com, Huffington Post

Претходна статија„Мајка“ ќе се погрижи вашиот дом да стане паметен
Следна статијаHP и Microsoft со нови таблети и лаптопи против Chromebook и Nexus