Кога ќе помислите на 2D објект, можеби помислувате на лист хартија. Сепак, вистината е дека листовите хартија се далеку од само 2D објекти – тие имаат прилично голема дебелина. Истото не може да се каже и за графенот, материјалот на иднината кој е дебел само еден атом, односно се работи за 2D решетка од атоми.

Графенот во меѓувреме најде концептна примена во многу отпорници, полу-проводници и супер-проводници со 2D форма. Сега двајца научници – Пабло Јарило-Хереро и Ксиаодонг Ксу, креираа 2D магнет, кој е најтенкиот магнет креиран досега. Заедно со погоре споменатите откритија, тој може да биде чекор кон многу помали и побрзи компјутерски компоненти, секако со спојување на овие супер тенки материјали во 3D групи.

Материјалот од кој е изработен овој магнет е хромиум триодид и истиот е единствен кој може да го задржи магнетизмот дури и ако биде еден атом дебел. Начинот на кој стигнале до овој материјал пак е многу сличен како добивањето на графен – со одлепување на ленти од материјалот се додека не се дојде до лента која е дебела само еден атом.

Засега овој магнет може да го задржи магнетизмот само на исклучително ниски температури од -228 Целзиусови степени и веројатно ќе помине подолго време пред да функционира на собна температура. Сепак, самото тоа што има материјал кој е скоро невидлив и кој може да задржи каков и да било магнетизам, е доволен показател дека живееме во иднината.

Извор: Engadget, ZME Science, Digital Trends

Претходна статијаОд денес Европската Унија ги укинува роаминг трошоците во своите земји
Следна статијаНови фотографии од OnePlus 5 покажуваат дека деталите ќе бидат различни од iPhone