160321135524_1_540x360

Еден од засега најинтересните забележани космички феномени е супернова. Се работи за масивна експлозија на огромна ѕвезда при крајот на нејзиниот „животен век“. Ѕвездата која ја изгорила својата резерва на водород почнува да ги одделува надворешните слоеви и да ја намалува температурата, претворајќи се во црвен џин.

По овие настани можно е да се случи гравитациски ефект при кој јадрото колапсира самото во себе и започнува настан на експлозија, толку моќна што понекогаш може да се забележи и со голо око на темно, ноќно небо!

Според статистички истражувања може да се очекуваат околу 3 супернови во еден век, што ги прави екстремно редок настан за кој треба многу внимание да се фати на време. Затоа ретко е фатен и снимен на време, а обично научниците го фаќаат блиску по почетокот на процесот за експлозија.

За среќа, со помош на обзерваторијата Кеплер научниците само што успеаа да „фатат“ супернова уште пред самиот почеток, па низ нејзиниот тек. Колку за претстава, самиот настан траел само 20 минути, а се работи за ѕвезда која е оддалечена цели 1,2 милијарди светлосни години!

Научниците забележале дека нешто сомнително можеби ќе се случува со ѕвездата KSN 2011d, па му наредиле на Кеплер да снима, покрај снимањето на светлината од 500 галаксии паралелно. На видеото горе можете да ја прегледате снимката од експлозијата и да се зачудите од силината на овој настан.

Суперновите понекогаш се толку моќни што предизвикуваат осветлување на небото. Се претпоставува дека домордните американци од Боливија имаат забележано ваков настан кој го имаат прибележано во цртежи, а во 185 година од нашата ера кинеските и римските астрономи забележале супернова која ја нарекле „ѕвезда гостин“.

Отсега па натаму сè почесто ќе ги забележуваме овие настани благодарејќи на модерните способности за нивно следење и снимање. Воедно тие се едно од објаснувањата зошто уште не сме забележале напреден живот на други планети – тешко би можело да се замисли било кој живот да преживее ваква страотна експлозија во своја близина.

Дополнителни информации: Engadget, Space.com, Wikipedia

Претходна статијаMicrosoft Build 2016 започнува за неколку часа – како да го следите настанот во живо
Следна статијаWindows 10 добива вградена поддршка за Bash и слични Linux програми