NASA ќе ги направи сите свои истражувања достапни бесплатно и онлајн

Напишано на 22.08.2016 - 15:38 од Андреј Дамески

extra_large-1471531676-cover-image

Во една добра вест од светот на науката и технологијата, Националната аеронаутска и вселенска агенција на САД, попозната просто како NASA, одлучи да ги направи јавно достапни сите свои истражувања.

Тие лансираат нова Интернет страница наречена PubSpace преку која сите истражувања кои се барем една година стари ќе бидат автоматски достапни за јавноста. Инаку, NASA ова го направи веројатно поради повикот на властите на САД до сите научни агенции во државата за да бидат поотворени и попристапни за јавноста.

Целта е, секако, да се забрза научно-технолошкиот развиток и да се овозможи полесно образование за сите паметни умови кои го сакаат тоа. Образовните системи под притисок на Интернетот започнаа да се менуваат, но не би можел да кажам дека се менуваат стриктно кон подобро. Од една страна полека напернати и препотентни професори и други предавачи стануваат маргинализирани со проектите како Канова академија (Khan Academy). Од друга страна, можноста да има човечки внес од добри професори и воспитувачи во образованието исто така се маргинализира во замена за автоматизирани системи.

Науката и големите научни подвизи сè поретко се резултат на „луди осамени генијалци“, а сè повеќе на цели екипи научници кои мора да научат да функционираат заедно и да се почитуваат. Еден од најдобрите начини е да имаат жив професор кој ќе можат да го прашаат за работи, да му се заблагодарат за неговиот придонес и да остварат вистински, органски контакт со него.

Како и да е, ова е тренд кон намалување на административни и парични пречки за оние кои би сакале да го надградат своето знаење на длабоко ниво без да мора да плаќаат илјадници евра во членарини на разни страници. Во ова NASA не е единствена – и Европската Унија се надева дека ќе може да ги направи сите свои научни истражувања слободни и бесплатни до 2020 година, a SSRN (Social Science Research Network) постои уште од 1994 година и нуди огромен дел од сопствените истражувања бесплатно.

Дополнителни информации: IFLScience, NASA.gov

За Авторот

Љубовта кон технологијата и науката отсекогаш претставувала огромна движечка сила во животот на Андреј. Опсесијата со прашања како „ќе бидне ли вештачка генерална интелигенција“, „сакам да се телепортирам кај Алфа Кентаури“ и „бесмртноста е можна“ се главните двигатели зад неговото секојдневно следење на секакви вести од вакви и слични области и проучување на оваа проблематика.