4079

Научниците не би биле научници ако се фиксираат на едно сознание и не се обидуваат да го побијат или подобрат. Па така, истражувачите од Универзитетскиот центар за квантна динамика Грифитс (веројатно) докажаа дека квантната заплетканост постои, а со тоа (можеби) докажаа дека Ајнштајн бил во грешка за овој феномен.

Тие во својот експеримент не употребиле две врзани а различни честички, туку поделиле една иста честичка – фотон – кој го пратиле на две различни места. Тие испалиле фотони кон делител, со кој половина од светлината отишла кон едната лабораторија, а другата половина кон другата. Во едната лабораторија научниците употребиле ласер за да ја измерат фазата на фотонот, која може да се движи од 0 до 180 степени (или пак воошто да не постои фотонот на таа страна).

Кога тимот од другата лабораторија погледнале кон своите половинки од фотони, при споредувањето на резултатите увиделе дека нивните мерења коренсподираат токму обратно од тие на првата лабораторија. Ова значи дека двете половинки на фотоните меѓусебно биле врзани и се однесувале како да можат да искомуницираат меѓусебно инстантно и да си ја пренесат позицијата, и покрај тоа што не се наоѓаат на едно место. Дополнително, карактеристиката која била мерена (фазата) се однесувала како да може да биде сменета од едниот тим и кај таа половина што не пристигнала кај нив.

Според нив ова е доказ за вистинитоста на феноменот на квантно заплеткување и индикација дека Ајнштајн не бил во право кога сметал дека ваквиот феномен не може да постои. Секако, ова е можеби првата демонстрација на ваквиот ефект и останува да се направат дополнителни тестови и слични експерименти за да се утврди дали истражувачите навистина присуствувале на демонстрацијата на овој феномен. За жал, според досегашните индикации истиот нема да може да се искористи за комуникација со брзина поголема од светлината, што е употребено како идеја во многу научнофантастички книги (на пр. Ендерова игра) и игри (на пр. Mass Effect).

Во квантната механика постои еден концепт на квантно заплеткување (врзување; quantum entanglement) при кој брановите функции на две или повеќе честички се „врзани“ меѓу себе. Во случај на влијаење или мерење на карактеристиките на една од честичките, другата/ите реагираат соодветно, односно, нивните квантни состојби не се засебни туку се дел од целиот квантен систем и само како целина можат да се изразат.

На пример, ако се мери еден фотон кој припаѓа на врзан пар и се измери неговиот спин, другиот фотон ќе има обратен спин од првиот во тој момент. Овој феномен досега беше „докажуван“ и претпоставуван математички, но немаше докази за истиот. Самата негова карактеристика го прави нелогичен дека воопшто постои, што го натерало и самиот Ајнштајн да го нарече како „језива акција оддалеку“.

Извор: LiveScience, Cnet

Претходна статијаИграјте Pac-Man на која сакате локација на Google Maps
Следна статијаБиткоин: за што станува збор (дел 2)