Да го прашате денес вашиот компјутер или смартфон/таблет што ќе се случува во наредниве десетина години, ќе добиете одговор од интернет, замислен од некој автор на научна фантастика или пак од некој научник. Поточно, компјутерот сѐ уште не е способен сам да размислува и да даде своја прогноза за иднината.

Google DeepMind тимот има нов компјутер кој ќе може да го направи тоа, нормално опремен со вештачка интелигенција.

Новиот компјутер не само што може да дава прогнози, туку може да ја замисли иднината. Од Google велат дека тој е опремен со имагинација, иста како онаа на луѓето и токму таа му помага да замислува што евентуално би се случило.

Покрај тоа, благодарение на “Imagination Augmented Agents” (I2As), од Google велат дека тој може да одлучи кое предвидување е најдобро за околината и иднината и да направи свој сопствен избор.

Новиот I2As агент е испробан на играта Sokoban, која е сложувалка каде ако погрешите еднаш, ја губите играта. Компјутерот, за да може да ја помине играта, мора да ги замислува можните решенија во својата невронска мрежа пред да донесе решение, иако претходно немал големо искуство во таа игра.

Ова е голем чекор кон компјутер со вештачка интелигенција кој ќе може да се прилагодува на разни задачи – исто како човекот. Досегашните вакви решенија беа исклучиво насочени кон една задача, како на пример играње шах и беа некорисни за други задачи.

Засега решението на Google DeepMind тимот е многу далеку од способностите на човекот за имагинација. Всушност, тоа е веројатно една од нашите најголеми вештини и за компјутерите да можат вистински да не стигнат, ќе треба да помине прилично многу време.

Извор: The Next Web, Wired, Engadget

Претходна статијаAmazon патентира автоматизирани подводни магацини
Следна статијаUSB 3.2 ја дуплира брзината на трансфер на податоци, користи Type-C приклучок