Како што е познато, срцевите удари се речиси невозможни за предвидување. Она што жртвата ќе го почувствува непосредно пред нападот, како болки во градите, недостаток на воздух и слично, најчесто делува збунувачки и не остава време за реакција. Меѓутоа, научниците од универзитетот во Нотингем, се на прагот да развијат нов револуционерен начин на детектирање на потенцијален срцев удар.

Стивен Венг, епидемиолог и еден од водечките стручњаци кои работат на проектот смета дека актуелните критериуми за следење на состојбата на срцето кај пациентите, пропишани од американските институции не се доволни и треба комплетно да се отфрлат. Тој вели дека истите прибегуваат кон поедноставување на срцевите заболувања што во крајна линија резултира со неточни проценки.

Симплификацијата на сведување на само 8 основни варијабили всушност е одговорна за погрешната проценка за шансите за можен срцев удар. На тој начин, голем број потенцијални жртви не можат да бидат откриени, додека други со помали шанси за срцев удар се третираат превентивно, а непотребно. За таа цел, студијата се насочува кон откривање на нови методи за откривање на заканата од срцев удар споредувајќи низа фактори и резултати од анализи. За да се изведе таквото споредување и анализа, за кратко време и со минимален процент на евентуални грешки потребно е тоа да го прави компјутер, односно вештачка интелигенција.

Во процесот на учење на машината која ќе ги анализира податоците беа вклучени 378 256 пациенти на возраст помеѓу 30 и 84 години. Дури 295 000 пациенти беа користени исклучиво за тренирање на машината додека преостанатите ја валидизираа практичната намена на апаратот.

За време на процесот кој траеше 10 години (од јануари 2005 до јануари 2015-та година) беа документирани вкупно 25 000 кардиоваскуларни пореметувања од кои дури 75% биле точно предвидени со помош на алгоритмите кои ги развиваат научниците од Нотингем. Едноставно кажано, машината успеала да процени и предвиди 355 случаи повеќе од лекарите, со што се докажува нејзината способност да спасува животи.

Извор: Geek

Претходна статијаБатериите од иднината ќе бидат азотни
Следна статијаШто мисли Стив Вознијак за тоа каде ќе биде Apple во 2075