five-dimensional-black-holes-theory

Повторно вест околу Теоријата на релативитет на Ајнштајн, и повторно нешто кое ја (овој пат) поништува истата. Кутриот уште малку ќе почне да се врти како чигра во гробот.

Имено, според симулациите направени на Универзитетот од Кембриџ и Универзитетот на Кралицата Марија преку користење на споделениот суперкомпјутер COSMOS, 5-тата димензија, ако постои, би ја „скршила“ Теоријата на релативитет на Ајнштајн.

Црните дупки и хоризонтот на случувања

Singularity_EventHorizon

Според „стандардниот“, 4 димензионален модел на Универзумот (3 физички димензии + време), црните дупки се „трпат“ во космосот бидејќи околу нив имаат т.н. хоризонт на случувања. Црните дупки се точки на огромна густина која исто така има огромна гравитација.

Гравитацијата е толку моќна што привлекува сè околу себе, па дури и светлината (т.е. фотоните) како најлесен и најбрз феномен во космосот. Ако светлината навлезе во хоризонтот на случувања веќе нема бегање и нејзината судбина е запечатена во паѓачкиот пат кон центарот на црната дупка.

Хоризонтот на случувања има и друга „улога“ – прави т.н. космичка цензура. Тоа значи дека црните дупки и други типови на сингуларитет кој се поклопува со Теоријата на релативитет не можат да бидат видени од останатиот дел од космосот кој е надвор од хоризонтот на случувања. Во основа, тоа значи дека единствениот начин да видиме како изгледа црната дупка е да го поминеме хоризонтот на случувања, но нема да можеме да испратиме било каква информација назад, а ќе нè чека релативно брза и болна смрт преку дезинтеграција на нашето тело (но никој не влегол во црна дупка досега, па така ова е чиста шпекулација).

5-тата димензија и Ајнштајн

View post on imgur.com

Хоризонтот на случувања функционира само во простор со 4 димензии. Од друга страна, постојат теоретски физичари кои имаат направено успешни симулации на дури 11 просторни димензии. Симулацијата која беше спомната погоре симулирала црна дупка во 5-тата димензија и резултатите се интересни и чудни.

Имено, црната дупка веќе не била „дупка“ туку се градела во облик на прстен кој постепено еволуира во повеќе миницрни дупки (погледнете го горното видео) и во „гол сингуларитет“. Гол сингуларитет е состојба при која таквата црна дупка во 5-та димензија нема да има хоризонт на случувања. Тоа преведено на македонски значи дека ефектот на сингуларитет ќе биде пренесен врз целиот Универзум, што го оневозможува важењето на Теоријата на релативитет и соодветно, предвидувањето на однесувањето на вселенските објекти.

А, тоа не е убаво за Ајнштајн бидејќи деновиве не го оставаме на раат (нешто што предвидувам дека уште помалку ќе го има во годините кои доаѓаат). Останува да видиме кој бил во право и дали ќе се побие Теоријата на релативитет или ќе се најде некоја консолидација меѓу симулациите и вистинската состојба на работите.

Малку потешко ви оди сварувањето на повеќе димензии? Има одлично видео од Д-р Мичио Каку кое вреди да го изгледате:

Дополнителни информации: IFLScience, Business Insider, Space, b92

Претходна статијаКраток осврт на сите поголеми новитети што беа претставени на MWC во Барселона
Следна статија„Windows 10 PC-јата прават повеќе“ – Нова кампања на Microsoft