pvqmvnri49vvubkecrdz

За теоријата за црни дупки веројатно нема кој не слушнал, од тие кои се заинтересирани за научно-технолошкиот напредок, па макар и на лаичко ниво.

Да си ја освежиме меморијата: се работи за космички објекти кои се создадени од толку голема маса што предизвикува спојување и скоро-неверојатно компримирање на материјата во одредена „точка“, наречена сингуларитет.

Црните дупки се наречени „црни“ бидејќи имаат толку силно гравитационо поле што дури ниту светлината не може да избега ако влезе во нивниот хоризонт на случувања, налик теоретскиот објект на „црно тело“ (во други вести беше предложено дека тие всушност не се „црни“ туку во најдобар случај „сиви“ бидејќи сепак дел од информацијата во нив истекува надвор).

Сепак, со нашето познавање на механиката која доведува до формирање на црните дупки не ни беше јасно како тие се формирале толку бргу од вселенската материја после Големата експлозија, бидејќи е потребно значително подолго време за да настанат. Ако се чека некоја суперголема ѕвезда да го потроши своето гориво од водород, па потоа хелиум и потоа да се распадне навнатре во себе формирајќи црна дупка – тој процес нема да заврши за доволно брзо време за да се оправдаат супермасивните црни дупки во центрите на галаксиите.

За среќа една екипа на научници ги анализираа информациите од набљудувачките станици Hubble, Chandra и Spitzer и открија дека всушност главниот начин на настанување на црните дупки досега бил преку спојување на огромни облаци од гас изградени од вселенска материја.

Според анализите и симулациите, се покажува дека ваквата теорија е прилично веројатна. Имено, составните делови на самите облаци гас се влечеле меѓусебно и спојувале, окрупнувајќи се во таканаречени „семиња на црни дупки“. Овие семиња продолжувале да се спојуваат и да градат поголеми црни дупки, сè до правењето на супермасивни црни дупки кои ги „возат“ цели галаксии.

Ако ви здосадија суперинтересните вести околу нашата политичка криза, оригиналното истражување го имате на ArXiv.

Дополнителни информации: Gizmodo, Hubble, Chandra

Претходна статијаДомејнот .game достапен за купување
Следна статијаAsus ZenBook 3 е супер тенок лаптоп со моќни перформанси