Moto C Preview

Оваа година на пазарот се појавија многу евтини смартфони од етаблираните производители, кои не само што нудат солидно искуство за корисниците, туку можат да бидат и единствениот смартфон кој го поседувате, без некои поголеми забелешки. Сепак, треба да се има на ум дека перформансите, камерата, дисплејот и дизајнот нема да бидат како кај скапите модели, нешто во кое не се ни обидува Moto C, моделот со кој се дружевме неколку денови.

На прв поглед, Moto C е карактеристичен Motorola смартфон, со прилично заоблен дизајн и прилично голем круг околу камерата во задниот дел. Точно, ова е телефон по кој никој нема да се сврти или да ве праша за него, но на многу купувачи и им одговара тоа. Воедно, ова е телефон кој ќе биде и лесен за поправка бидејќи е целосно изработен од пластика која лесно се отстранува, што е плус за купувачите со поплиток џеб.

Спецификациите на телефонот не се особено импресивни, сигурно не за честите читатели на нашиот сајт. Дисплејот на пример има големина од 5 инчни и прилично слаба резолуција од 854х480 пиксели и истиот не е особено добро видлив на сонце, пред сѐ поради рефлективното стакло напред. Процесорот е MediaTek MT6737M со четири јадра на 1,1 GHz, кој е реално малку под Snapdragon 400 серијата од најновата генерација во перформансите и помогнат е од само 1 GB рам меморија и 16 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Камерите се исто така просечни – задната има само 5 мегапиксели, додека предната има 2 мегапиксели. Како и што кажуваат самите бројки, од камерите апсолутно не треба да очекувате чуда и истите вадат само просечни фотографии. Сепак, со оглед на класата, не ни смее да се очекува повеќе од камерите – за добра камера во смартфон ќе треба да одвоите навистина многу пари.

Сите овие карактеристики нормално дека не возбудуваат, но Moto C има еден силен адут – чист “ванила” Android со ситни интерфејс измени од Motorola. Благодарение на ова, Moto C ќе биде веројатно единствениот толку достапен смартфон кој ќе добива редовни надградби на понови верзии, а во исто време ваквата верзија на оперативниот систем овозможува и прилично брза работа, со оглед на слабиот процесор.

Всушност, за користењето на секојдневни апликации, Moto C е солидно решение кое нема многу често да го чекате да одговори на допирот на вашиот прст. Исто така, чистиот Android придонесува и за солидно траење на батеријата, иако таа има само 2.350 mAh, како и за зголемена безбедност, благодарение на брзите безбедносни надградби.

Најголем адут на Moto C е сепак цената, која изнесува 8.499 денари во VIP само за телефон, односно за само 999 денари во VIP Mobile L тарифата. Ова го става рамо до рамо со најевтините достапни Android смартфони кај тој оператор, со таа разлика што ова е единствениот со чиста Android верзија, нешто кое дефинитивно треба да се има на ум.