Elon Musk, правда

Почна со автомобили, прејде на ракети и патувања до Вселената, а сега дојдовме и до трета фаза од плановите на Елон Маск: медиуми. Некои ќе речат несвојствено, други ќе искоментираат дека ова се должи на критиките кон Тесла кои беа упатени изминатиов период, но како и да е, се чини дека Елон сериозно размислува да влезе во оваа област.

Имено, во текот на вчерашниот ден, Елон напиша пост на Твитер каде вели:

“Ќе креирам сајт каде публиката ќе може да ја оценува вистинитоста на одредена статија, како и да го следи рејтингот за кредибилитет за секој новинар, УРЕДНИК или публикација. Размислувам да го наречам Правда…”

Како што ни е познато, правда е словенски збор. Не е сигурно дали со ова Елон тактизираше за да го освои вниманието и симпатиите на Русите кои имаа и весник под тоа име за време на СФРЈ, но сеедно, мора да признаеме дека идејата е интересна. Што се однесува до замислата околу рејтингот, мислам дека некако доаѓа природно. Зошто? Живееме во ера каде се’ ни е достапно онлајн, од производи до препораки за нив, искуства споделени преку Интернет и слично.

Лично, формирањето на некаков рејтинг за кредибилитет повеќе ми наликува на моделот на ResearchGate, каде секој автор има некаков импакт фактор (авторите на оваа мрежа се вообичаено професори или научници), но интересно би било вакво нешто да се воведе и во областа на медиумите. Зошто да не? Во време кога сме соочени со ширење на лажни вести, неквалитетна содржина која не нуди никаква вредност, ботови и слично, потребни се дополнителни мерки со чија помош добрите сајтови и автори би се диференцирале од останатите.

Секако, со ова Елон не измисли “топла вода”. Веќе постојат стартапи кои пласираат вакви продукти. Еден од нив е Factmata, британска компанија која има развиено вештачка интелигенција за автоматско оценување и верификација на содржината која што се креира. Тие постојат од 2017 година и во теков на 2018 успеаа да подигнат 1 милион инвестиција во февруари. Друг интересен момент е тоа што меѓу првите нивни инвеститори се вбројуваат Mark Cuban (познат американски претприемач), како и еден од осноачите на Твитер, Biz Stone.

Важноста на медиумите е голема и како поминува времето низ различни настани можеме да се увериме во тоа. Навратете се само колку многу придонесоа медиумите за американските претседателски избори на кои придонесе Трамп. Тука секако голема улога одиграа и социјалните мрежи и сите нивни пропусти. Несомненно е дека е едноставно време да размислуваме за последиците, како и за начините за превенција од ваквите случувања. Тука би рекла дека Facebook и Google имаат најголем удел, како најголеми компании во областа на огласувањето и носење посети на сајтовите.

Проверката на квалитетот ќе биде иднината на функционирањето на сите сервиси. Сега може да оценувате филмови, компании и продукти на сервиси како Yelp, Amazon, imdb, Netflix. Но, што ако утре онлајн може да се рејтуваат вработени (не само фриленсери, како што може засега), однесување и ангажман на студенти, факултети, граѓани? Дали тоа ќе придонесе за формирање на реалната слика на работите или ќе не’ однесе во погрешна насока ко имплементацијата на Кинезите за нивниот ранкинг систем?

Останува да видиме.

Претходна статијаПочитување на правилата и прописите во сообраќајот и повисока сообраќајна култура, зa поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите
Следна статијаЕстонија – државата која прва воведе бесплатен јавен превоз во светот