3

Петтиот Самит на Македонија2025 – Поттик за македонските претприемачи да целат кон интегриран настап поддржан од технолошките напредоци

Македонија2025 на 20 и 21 октомври го реализираше петтиот самит и со тоа комплетираше уште еден успешен обид за инволвирање на македонската деловна и експертска заедница во актуелни теми кои имаат импликации за развојот на нашата земја. Повеќе од 250 гости на 11 панели и неколку настани за поврзување ги слушнаа експертските увиди на 40 говорници од повеќе од 25 земји во светот. Самитот понуди повеќе возбудливи и информативни насоки за развивање на економијата преку користење на паметни технологии и обновливи извори на енергија.

Говорниците дискутираа за револуцијата на еколошки возила,  развојот на паметни градови,конективноста помеѓу платформи и користење на природните благодети на земјата кон стимулирање на развој на одржлива економија. Експерти од Италија, Норвешка, Полска, Јапонија споделија детали од најдобрите практики од светот кои можат да бидат имплементирани и во Македонија.

Главниот говорник на самитот, раководителот на Вотсон центарот на ИБМ во САД, Гурудут Банавар, одржа впечатливо предавање за тоа како динамичните системи за анализирање и процесирање на податоци се користат во развојот на паметни градови, како што тоа е случај со Рио де Жанеиро.Банавар изјави дека единствениот начин да се оди кон иднината е преку грижа за зачувувањето на животната средина и здравјето на луѓето преку  проширувањето на соработката помеѓу луѓето и паметните машини или роботи.

Самитот ја претстави и проактивната страна на Македонија како земја која ги развива своите потенцијали во дигиталната соработката со клиенти од целиот свет и како земја која има потенцијал да биде центар за паметни индустрии.. Мишо Марковски од компанијата Apps Run the World, со истражувачки центар во Куманово, ги повика младите и надежни програмери да продираат во технологијата на „клауд“ апликациите. Михаел Мизрахи, инжинер и раководител на технолошкиот акселератор АтоБе од Израел, претстави листа од „алатки“ и методи на поддршка кои неговиот акселератор ги применува кон претварање на една добра идеја во прототип и потенцијална комерцијализација. Шила Кампањано од xTrade Europe, со канцеларија во Скопје, кажа дека причината за инвестирање во Македонија била способноста на луѓето. Панелот на кој беа презентирани жени лидери порача дека улогата на жените е исклучително важна за одржливиот развој на секоја земја.

Претседавачот на Македонија2025 Роберт Арсов нагласи дека организацијата исполнува важна улога во поврзување на деловни професионалци и дека се надева на проширување на деловната заедница што е проактивно посветена на напредокот на Република Македонија преку развивање на паметни, иновативни и атрактивни производи и услуги. Тој изјави: „Тоа што ние го очекуваме од деловните професионалци, експертите, иноваторите, претприемачите во Македонија, е да размислувааат кон менување, односно унапредување на целокупната слика што се однесува на економскиот развој. На самитот ги зачнуваме идеите и инспирацијата за да можеме да замислиме во која насока може да се развива и поврзува нашата земја. Факт е дека Македонија се развива, дека ги турка границите, особено во ИТ сферата, и прашање на време е кога ќе има поголема интеграција на паметни системи што ќе ни го подобрат стандардот“.

Претходна статијаKodak Ektra е телефон наменет за фото ентузијастите
Следна статијаОфицијално најавено 5тото јубилејно издание на Codefest Tech Festival