Жените се најмоќната потрошувачка група, а сепак многу индустрии ги игнорираат или им пристапуваат на целосно погрешен начин

Загреб, 1 јуни 2017. – Во 90% од случаевите во многу категории од производите одлуката за купување ја носат жените. Без разлика кој е купувачот, нивниот совет или вето се пресудни при донесувањето на одлуките. Дури 61% од приватните пари во САД се во нивни раце, а приматот го имаат преземено и во индустриите кои се’ уште се перципираат како исклучиво машки. Дури 47% од гејмерите денес се всушност гејмерки. Па сепак, комуникацијата на многу индустрии и понатаму не им се прилагодува, а тие кои се имаат обидено, често неславно имаат пропаднато.

„Факт е дека мажите се креативни директори во 90 од 100 од водечките агенции за рекламирање во САД. А мажите и баш не ги разбираат жените, што често доведува до непримерна комуникација која жените ја отфрлаат“, објаснува Иван Станковиќ, основач и претседател на регионалната агенција Communis од Белград.

На овогодинешниот 10ти Weekend Media Festival Станковиќ на учесниците преку предавањата „Како да ги задоволите жените?“ ќе им укаже на новите предизвици со кои се сретнува струката поради се поголемата доминација на жените во потрошувачкиот сегмент. Ќе го претстави својот комуникациски концепт 5E кој ќе им помогне да допрат до женската публика и конечно да одговорат на вечната загатка: што сакаат жените? Буквите „Е“ во концептот означуваат пет неизбежни чекори во комуникациската стратегија на Станковиќ: excess, entertain, emotion, experience и engagement.

„Веќе подолго време ја застапувам тезата дека на нашата професија и се потребни радикални промени, инаку ни се спрема крајот. Во рамките на 5Е концептот, првиот чекор е едноставен: наместо буквата „а“ во зборот „адвертајзинг“, треба да се вметне буквата „е“. Таа означува користење на се што е поврзано за новите навики на консумирање на новите медиуми и што е уште поважно, основата на секоја комуникација мора да биде емоцијата. Во изобилството на информации потрошувачите се определуваат многу едноставно – бинарно. Или нешто сакаат или не. Затоа креирањето на емоции низ комуникацијата е неопходно“, заклучува Станковиќ.

Десеттиот Weekend Media Festival оваа година се одржува од 21 до 24 септември во просториите на старата фабрика за тутун во Ровињ, под покровителство на Adris групата. Во своето прво десетлетие Weekend има примено вкупно 45.000 учесници: 1.000 предавачи, 35.000 медиумски, маркетиншки и ПР професионалци, 3.500 студенти и 5.000 акредитирани новинари од целиот регион. Се има позиционирано како најголемиот комуникациски фестивал во југоисточна Европа, а прв ги има најавено и некои од топ трендовите како што се мобилното огласување, native огласувањето, дигитализацијата, programmatic и blockchain.

Weekend не е резервиран само за предавања и дискусии, туку е место за забави и нетворкинг кој оваа година ќе биде подигнат на едно повисоко ниво. Добро осмислен музички програм отсекогаш бил еден од најсилните адути на фестивалот, а оваа година ќе има и изненадувања прилагодени на големиот јубилеј.

Претходна статијаПротечени фотографии од откажаниот Microsoft Lumia 960
Следна статијаSamsung Notebook 9 Pro е „2 во 1“ лаптоп со S Pen дигитално пенкалце