Упатените очекуваа промоцијата на најновите производи на Apple да се одржи во втората седмица од месец септември, што се наметнува како традиција во изминатите неколку години, меѓутоа локацијата на настанот остана неизвесна до последниот момент.

Имено, ланската промоција се одржа во „Бил Греем Сивик“ аудиториумот во Сан Франциско, но во меѓувреме Apple го заврши својот нов кампус именуван Apple Park лоциран во Купертино.

Според информации од компанијата, персоналот на Apple започнал со вселување во новите простории уште во април, но познато е дека градежните работи се се уште во тек, особено на делот на новиот ивент-центар наменет токму за вакви промоции, а именуван според легендарниот Стив Џобс.

На поканите за настанот испратени на 31-ви август, се вели: „Да се најдеме на нашето место“ (“Let’s meet at our place“). Сето тоа немаше да биде чудно доколку не се појавеше документот на кој може да се забележи дека Apple ја добил дозволата за воопшто да го одржи настанот во споменатиот Steve Jobs Theater дури наредниот ден.

Како и да е, документот потпишан на 1-ви септември од извесен Алберт Салвадор, вели дека компанијата има дозвола да одржи настан за промоција во просториите на Steve Jobs Theater иако градежните работи не се потполно финиширани. Со документот се констатира дека инспекцијата утврдила задоволително исполнување на безбедносни критериуми, што ќе значи дека светот конечно ќе успее да ѕирне во новата централа на Apple.

Инаку, настанот ќе се одржи денес со почеток во 19:00 часот по македонско време. 

Извори: VB, Ubergizmo

Претходна статија“Дипломираа” најмалите ИТ генијалци во Македониja
Следна статијаMercedes-Benz комплетно преминува на струја веќе во 2022