CFMarathonPoster-Junior-06

Програмерскиот маратон Codefest е веќе добро познат на јавноста како успешен македонски производ со интернационална етикета, кој 4 години по ред се организира во Охрид, а се повеќе го привлекува вниманието на сите страни на технолошката заедница.

Оваа година, од 15-17-ти април Codefest ќе го одржи своето четврто издание, на кое покрај редовните учесници, за прв пат се воведува и Codefest Junior, посветен на најмладите, најкреативните и најиновативните умни глави и ИТ ентузијасти.

Идејата доаѓа од соработката на организацијата на Codefest со Центарот за иновации ЕМКИЦЕ, МБАН – Македонската мрежа на бизнис ангели и ИЛУМИНЕ Центарот за иновации и едукација во ИКТ.

Во Македонија постојат многу талентирани и креативни деца кои со вистинското образование и насочување уште од најрана возраст, можат да станат креаторите на идниот Facebook или некоја друга светска иновација.

„Им даваме можност на најмладите ИТ ентузијасти, идните умови на нашето технолошко општество, да ја покажат својата креативност и иновативност без граници токму на Codefest. Веруваме дека ова искуство ќе им биде незаборавно, но и дека силно ќе влијае на нивната мотивација и љубов кон технологијата и иновациите. Досега Codefest им беше достапен на средношколците и студентите, но искуството ни ја наложи потребата ова да го направиме возможно и за најмладите“, велат од организацијата на настанот.

Оваа година 15-тина исклучително талентирани деца ќе земат учество на Codefest Junior и заедно со редовните тимови ќе имаат можност целосно да го доживеат искуството што се нарекува Codefest. Мотивацијата е во идните изданија на Codefest, овој Codefest Junior проект да прерасне во посериозен дел од настанот на кој ќе можат да земат учество поголем број на деца заинтересирани уште од најмала возраст да работат на технолошки иновации.

Инаку, Codefest Marathon е 32-часовен натпревар за студенти и средношколци, во рамките на кој истите можат со свои тимови да работат на развивање на сопствени креативни и иновативни идеи до демо продукт. Предизвикот е без претходна подготовка, тимовите да покажат колку можат да сработат за 32 часа, поддржувани од врвни интернационални ментори, експерти во повеќе области.

Оваа година носи многу новитети за Codefest и еден развиен концепт на настанот кој може да се стави во редовите на светските технолошки настани. Така, пакетот на Codefest 2016 е 3 во 1: технолошка конференција Codeference на 15-ти април на која доаѓаат звучни имиња од Viber, Microsoft, Google, Adobe итн., програмерски маратон познат како Codefest Marathon на 16ти и 17-ти април кој ќе трае непрекинати 32 часа, и CFX-Business Expo кое ќе се одвива паралелно со останатите делови од настанот, а ќе биде одлична можност за презентација на повеќе компании, можност за отварање на нови соработки и регрутација на таленти.

Хотелот ИНЕКС Горица на брегот на Охридското Езеро е местото на технолошките случувања овој 15-17-ти април. Резервации за Codeference и CFX-Business Expo сеуште можат да се прават на линковите: http://www.codefest.eu/codeference#Register и http://www.codefest.eu/cfexpo#Join.

Претходна статијаGoogle со дополнителни безбедносни мерки за Gmail
Следна статијаНа Pickbox пристигнува серијата во продукција на Фифти Сент