Маалското дете со  наплив на идеи во 5 часот наутро.  Цртач, илустратор, креативец,  варач на шпагети… Тој е нашиот талентиран концепт артист Томи Џуровски. Стар гејмер кој веќе не гејма, само набљудува и работи на своите идеи за игри. Со ваква рутина тренира подочници. Кај другарите познат како Томи Нрт, а во град како брат и’ на Еми.

Кога почна со кариерата како концепт артист?

Желбата да се занимавам со ова потекнува уште од дете. Тогаш татко ми ме запозна со стриповите на Жан Жиро-Моебиус од кој пробав да прецртувам. После многу тетратки, изгужвани листови, факултет за анимација на ЕСРА и учење сам од секаде, стигнав до еден степен каде што можев и професионално да почнам да се занимавам со тоа.

Како изгледа процесот на илустрирање, колку трае, колку е лесен?

Најчесто изгледа забавно, но често пати може да биде и фрустрирачки. Не можам да кажам дали е лесен или не, бидејќи тоа најчесто ми зависи од темата. Ако е тема која сум ја обработувал претходно, тогаш можам побрзо да се “нурнам” во процесот на креирање. Процесот ми е поделен на неколку фази. Најважни ми се истражувањето и запознавањето со темата и стилот.  Во спротивно цртањето нема поента. После овие фази следат скици за истражување и генерална поставка врз која потоа работам во детали. Во зависност од комплексноста на задачата, работата трае од неколку саати до неколку дена.

Дали може да се заработува добро од оваа професија во Македонија и какво е твоето искуство во тој поглед како коосновач на стартапот Fabula Tabula?

Мислам дека може добро да се заработува во Македонија, доколку соработуваш со странски клиенти. Моето досегашно искуство го покажало токму ова.. Проектите на кои сум работел до сега најчесто биле финансирани од страна.

Како си поврзан со гејмингот?

Како мал, за разлика од другарите кои скокаа и пукаа на PC, јас имав Mac и пукав кратко демо од Star Craft и Prince of Persia. Тоа беше изборот на татко ми за компјутер и секогаш ќе биде. Како и да е, од тогаш до денес со гејмингот сум поврзан како дете и слаткарница. Како мал постојано јадев во слаткарницата и бев буце. Сега јас сум “слаткарот” кој само повремено дегустира од својот рецепт , бидејќи ако фати да јаде, нема кој да прави слатки.

Кои артисти те инспирираат?

Мислам дека листата е огромна и постојано се зголемува. Секој ден откривам по некој нов илустратор кој ме инспирира, особено кога истражувам за некој проект. Ќе набројам само неколку кои моментално ми текнуваат: Жан Жиро-Моебиус (стрип од него и Алехандро Јодоровски:  Incal), Хуан Гименез (стрип од него и Алехандро Јодоровски Metabarons), Nathan Fowkes, Oga Kazuo, Even Mehl Amundsen, Jesper Ejsing, Mike Azevedo, Max Grecke, Ivan Smirnov, Szymon Biernacki, Jake Parker, Karl Kopinski, Jung Gi Kim и многу други.

Дали МК има квалитетни илустратори т.е. илустраторска заедница?

Мислам дека има квалитетни илустратори, меѓутоа не се многу, а и најчесто не се занимаваат само со илустрација. Заедница моментално практично нема. Мислам дека најблиску до ова беа собиранките на стрипаџиите од Макстрип стрип форумот. На времето таму се собиравме сите цртачи и стрип ентузијасти.

Како се гледаш во иднина и какви проекти можеме да очекуваме од тебе?

Во иднина се гледам како маалското дете со наплив на идеи во 5 часот наутро, но се надевам дека тие ќе бидат реализирани во целосни проекти како игри, илустрации, сликовници, цртани…

Од каде све ја собираш инспирацијата?

Во Струга, во село, во сите градови пријателе :)

Претходна статијаIntel ќе користи графички чипови на AMD во своите процесори?
Следна статијаЕксперт од светскиот софтверски гигант „SAP“ ги обучуваше македонските студенти