Кој е Горјан Јовановски?

Програмер кој моментално работи во Booking.com. Имам завршено додипломски студии на ФИНКИ и постдипломски студии на University of Amsterdam Sоftware Engineering мастер програмата.

На мастер студии си во Амстердам. Какви се твоите впечатоци од таму?

Многу ми се допадна тоа што на програмата посветуваа време на практичната страна на софтверското инжинерство т.е. програмирањето. Покрај ова се посветуваше внимание и на бизнис страната на истото – нe’ научија како да комуницираме со клиенти, како да правиме интервјуа, како да составуваме софтверска архитектура, како да пишуваме документација. Сe’ на сe’, ме научија на многу различни вештини кои сметам дека доста ќе ми помогнат во мојата кариера.

Работиш во Booking.com. Како е да се работи за нив и што е разликата во односот споредено со македонските фирми според тебе?

Во Booking.com е супер и навистина ми се допаѓа како фирма. Покрај убавата работна атмосфера, самата фирма многу вложува во своите вработени и ги почитува сите подеднакво. Покрај ова, секој вработен во Booking.com може да прикачи код на страната без да добива одобрение од други што претставува еден висок степен на доверба во вработените. Како што самите велат “Ние те вработивме и треба самиот да си свесен и способен да ја донесеш вистинската одлука, па нема потреба никој да те проверува при носењето на одлуките”.

Твојата апликација беше изгласана за  најдобра на Твитер наградите. Како си задоволен со тоа?

Навистина бев изненаден што мојата апликација МојВоздух беше номинирана и избрана за прво место на овогодинешните твитер награди. Јас дури не ни знаев дека има такво нешто како твитер награди два дена пред доделувањето. Тогаш ми се јавија организаторите да ми ја соопштат веста и бев навистина пријатно изненаден. Навистина ми е мило тоа што апликацијата иако постои две години, сеуште се користи како главен извор за информирање на граѓаните за загаденоста на воздухот. Мило ми е што сеуште колку толку придонесувам до будење на свеста и продолжување на борбата против загадувањето кај нас.

Дали планираш МојВоздух да прерасне во посериозен стартап?

Имав неколку идеи за монетизирање на апликацијата. Сепак, проценив дека не е етички да заработувам од неа кога толку многу луѓе ја поддржаа. Таа продолжи да работи со донации од корисниците, фирмите и амбасадите. Се надевам дека еден ден ќе биде поддржана и од државата. Инаку, имам идеја да ја проширам на Балканот. Сакам да се обидам да ја подигнам свеста за загадувањето и во другите градови.

На кои други идеи работиш периодов?

Една од идеите на кои што работев е еден доста интересен систем за плаќање со кој се обидувам да се избегне моментот на пренос на личните податоци од еден човек на друг. Не сакам да го оставам бројот на мојата кредитна картичка на сајт или да ја давам на човек во продавница. Сѐ што сакам е успешна трансакција која ќе го информира побарувачот на пари дека тие стигнале на безбеден начин. Бројот на картичката и другите податоци се сосема непотребни, ако трансакцијата е успешна.

Која е твојата идеална работна позиција?

Мојата идеална работна позиција би било раководење на мој производ, без оглед на тоа дали е во рамки на некоја компанија или сопствен стартап. Многу ми е мило да можам да работам на нешто мое, мое “дете” за кое би носел критични одлуки. Најмногу се пронаоѓам себеси во таа улога и сметам дека така најдобро ќе можам да го искористам потенцијалот кој го имам.

 

Претходна статијаApple спрема луксузен iPhone со кодно име “Ferrari”
Следна статијаУлица Македонија трансформирана во магично катче