И по неговата смрт, влијанието на Стив Џобс не стивнува. Неговото влијание не се чувствува само во технологијата, туку и во повеќе сфери на општеството. Џобс беше инспирација и е обожуван од многубројни претприемачи низ светот – од најразлични области – кои сакаат да го следат неговиот пример на создавање на „нешто од ништо“, и давање максимални напори за остварување на својата визија.

Тоа што е изненадувачки е што тој влијаеше (повеќе или помалку) и на тоа кој ќе стане шампион во НБА во овогодинешното финале. А оној кој најмногу бил инспириран од него бил Леброн Џејмс, еден од најдобрите играчи во историјата на НБА кој со својата челична волја му ја донесе на градот Кливленд првата титула во професионален спорт – после 50 (и кусур) години.

Малку контекст

Овогодинешното финале на НБА се одигра помеѓу Кливленд Кавалирс и Голден Стејт Вориорс. Истите тимови играа и во ланското финале, каде што Голден Стејт ги „згази“ Кливленд победувајќи ги со 4-2 (шампион е оној тим кој прв ќе оствари 4 победи). Оваа година, дуелот помеѓу овие два тима беше различен по тоа што за разлика од лани, Кливленд ги имаа на располагање сите свои најдобри играчи.

Од друга страна, Голден Стејт оваа година беа неверојатни. Тие го срушија рекордот на најмногу победи во една сезона, остварувајќи една победа повеќе од Чикаго Булс, кои под водство на Мајкл Џордан во 1996 година имаа 72 победи. И уште нешто, Кливленд после два натпревари губеа 2-0, и мораше да го добијат следниот меч на домашен терен, зошто скоро невозможно е некој тим да се врати од 3-0 дефицит.

Сакајќи да ги инспирира своите соиграчи, Џејмс им го пуштил легендарниот говор на Џобс кој тој го одржа на Стенфорд во 2005 година.

Интересно е што само неколку недели претходно, Кевин Лав (еден од соиграчите на Џејмс) почнал да чита и истражува за Џобс и се нашол инспириран од неговата мантра изречена токму на говорот на Стенфорд „Останете гладни, останете блесави (Stay hungry, stay foolish)“. Тој дури ги напишал овие зборови на неговите патики, за постојано да го мотивираат додека игра.

Лав не играл така како што посакувал да игра во финалето, и како што сите очекувале од него да игра. Но слоганот на Џобс го натерал да не се фокусира премногу на статистиката, туку да го сконцентрира целиот труд на нештата кои се корисни за тимот, а во кои тој е добар (скокови и одбрана).

Поентата на говорот на Џобс е дека треба да имаме верба дека работите што сме ги доживеале во минатото кои ни изгледаат случајни или тривијални имаат свое значење; дека неуспехот често води кон извонредни достигнувања и дека сеќавањето дека сме смртни е корисна алатка за носење важни одлуки во сегашноста.

Уште еден играч бил особено погоден од зборовите на Џобс. Околностите кои го довеле НБА ветеранот Ричард Џеферсон во Кливленд се совршен пример за тоа како коцките во животот може да се спојат во наша полза, ако имаме верба. ЕСПН пишува:

Како што го слушаше говорот на Џобс, ветеранот Ричард Џеферсон беше вџашен од настаните кои го довеле до финалето на НБА. Единствената причина поради која се наоѓа во таа соблекувална е тоа што ДеАндре Џордан се премислил околу потпишувањето со Далас Маверикс изминатото лето. Џеферсон мислел дека ќе игра во тим со Џордан, Новицки и Чендлер Парсонс. Тој дури поминал на физикален преглед пред да разбере дека Џордан почнал да се премислува.

…“Имаше муабет да играм за повеќе пари. Но јас сепак реков ‘Види, ако Кливленд стигне до финалето, а јас останам во Далас за нешто повеќе пари, ќе се убијам’“

Не може да знаеме колку говорот на Џобс влијаел врз тоа Кливленд да бидат новите шампиони, но сигурно играл улога мотивирајќи клучни играчи на Кливленд да дадат се од себе и да го водат својот тим кон неверојатен успех. Тие се вратија од 3-1 дефицит (прв тим во историјата на НБА кој успеал да се врати од оваа негатива во едно финале), врзаа три победи по ред, и се новите шампиони. 

Во меѓувреме, погледнете го говорот, и потсетувајте се на него од време на време. Можеби и вас ќе ве инспирира на големи работи.

Претходна статијаПрви рендери од Honor 8, поевтиниот телефон од високата класа на Huawei
Следна статијаGalaxy Wide е нов 5,5 инчен смартфон од средно-ниската класа на Samsung