Tomo Ricov i Nikola Vrdoljak

Weekend Media Festival е добро познат како манифестација која ги собира стручњаците од комуникациската и деловната индустрија и како таква им овозможува нови погледи на работата, нуди креативни решенија за различни ситуации, подучува за трендовите и собира релевантни информации од соседните земји, а притоа и сите одлично се забавуваат.

Деветтото издание на „Викендот“ донесува богата програма и претставува неисцрпен извор на инспирација и идеи, а за да дознаете повеќе за фестивалот за кого говорат сите, поразговаравме со неговите организатори, а тие се Томо Рицов, директор на Weekend Media Festival и Никола Врдољак, програмски директор на фестивалот.

Зошто е посебен Weekend Media Festival ?

Томо Рицов: Затоа што Weekend е единствена комбинација на деловна конференција и опуштено дружење. Познатиот американски и повеќекратно наградуван ТВ продуцент Пит Радович тоа најдобро го сумира во реченицата: „Не постои ништо слично на светот“ и поради тоа тој секоја година се враќа на Weekend. Ако работите во регионот, не можете да си дозволите да не дојдете на Weekend. Познатиот сараевски „маркетингаш“ Бојан Хаџихалович тоа сликовито го опишува: „Да не отидете на Weekend Media Festival е исто како да заборавите дека ви е годишнина од бракот“.

Што ве има поттикнато да размислувате за неопходноста за постоење на еден ваков фестивал?

Томо Рицов: Не бев задоволен од начинот на којшто се организирани стручните комуникациски фестивали во Хрватска и сметав дека најкреативните луѓе во земјата мораат да имаат фестивал кој е и самиот креативен. Покрај тоа, почувствував силна потреба помеѓу медиумските и комуникациските стручњаци во различните земји од поранешна Југославија да се поврзат и дружат. Многу од нив во тоа време мислеа дека е се’ уште прерано регионот да се собере на едно место, се’ уште имаше политички препукувања помеѓу државите, но јас бев сигурен дека правиот момент е дојден, што го покажа и успехот на првиот Weekend Media Festival во 2008 година кога се појавија 1.400 учесници.

По кои критериуми ги избравте овогодинешните теми и предавачи на Weekend Media Festival?

Никола Врдољак: Имаме шема по која сакаме да ги покриеме клучните теми од индустријата која ја следиме. Овде првенствено учествуваат клучни луѓе од регионот. Вториот столб се светските трендови со кои не запознаваат предавачите од поголемите и развиени пазари и трето се работилниците на кои сакаме луѓето да стекнат и некои нови знаења. Се разбира, секоја година имаме и неколку панели кои не воведуваат во потполно нови работи за кои веруваме дека сериозно ќе влијаат на светот.

Какви се вашите очекувања за оваа година ?

Никола Врдољак: Си зацртавме амбициозна цел, а таа е да деветтото издание на Weekend Media Festival биде толку добро, што сите ќе сакаат да дојдат и на десеттото јубилејно. Повторно исчекоривме во некои нови теми и повторно први ги отвораме приказните за целосно нови технологии за кои за неколку години сите ќе говорат. Затоа оваа година го засиливме искуствениот дел од фестивалот. Сакаме луѓето да имаат прилика да дојдат во допир со што повеќе нови технологии, односно не само да ги видат, туку и да ги пробаат.

Какви се вашите планови за идната година ?

Никола Врдољак: Десеттата година ќе биде посебна. Понекогаш ми е тешко да поверувам дека го работиме Weekend Media Festival веќе девет години и дека идната е полни десет. Не ни сонувавме дека толку ќе трае, а верувајте, ќе знаеме тоа да го прославиме како што треба.

Дали мислите дека ваквите настани влијаат на луѓето кои ги посетуваат ?

Томо Рицов: Дефинитивно. Со жестоката конкуренција на туристички дестинации каква што е денес, секогаш е потребно да понудите нешто повеќе од самото разгледување на градот или сонцето и плажата, а Weekend го прави токму тоа затоа што како таков претставува единствена комбинација на деловна конференција, креативност, технологија и опуштено дружење во еден од најубавите градови во Хрватска. Weekend има настанато затоа што сметавме дека постои потреба за собирање на луѓето од секторот, а недостигаше добро организиран настан. Но, уште поголем мотиватор беше желбата да направиме нешто за целата индустрија која ги собира маркетинг, ПР, медиумите и коминукациите така да во основа сакавме место каде луѓето од секторот ќе можат да дознаат за најновите трендови, да послушаат странски искуства кои се случуваат околу нас и притоа добро да се забавуваат во еден единствен амбиент.

Како ја оценувате состојбата во регионот кога е во прашање комуникацијата, маркетингот и развојот на технологијата во однос на светските трендови ?

Никола Врдољак: Во регионот постојат одлични, интересни и иновативни компании, поготово во полето на комуникациите, маркетингот и технологијата. Покрај тоа, на крстосницата на овие три денес се засноваат многу од најпознатите светски бизниси. Со самото тоа во тие сегменти е и полесно да се следат трендовите, а знаењето е подостапно. Оваа година во ремките на BalCannes на Weekend Media Festival ќе разговараме за тоа што го имаме научено и како да го извеземе на поголемите пазари. Верувам дека со квалитет можеме да им конкурираме на големите, а со цената сме и понатаму значајно под нив.

Кои пораки би сакале да ги испратите на медиумската и маркетиншката индустрија во Македонија ?

Томо Рицов: Weekend од самиот почеток се темели на идејата на вмрежување и „нетворкинг“ во опуштена атмосфера, заедно со предавања и презентации на теми кои се најактуелни на глобалната сцена. Со тоа сакаме да потикнеме и лично и деловно вмрежување затоа што земјите од регионот поединечно се далеку премали за да остават значајна трага на европскиот и светскиот пазар. Основата порака на нашиот фестивал е секогаш иста: дојдете во Ровињ, видете што се прави во светот и во регионот, прокоментирајте го тоа со колегите и можеби од тие нови познанства и искуства ќе се роди некоја нова идеја и некој нов проект.

Претходна статијаHuawei P9 ја доби наградата „Европски кориснички паметен телефон за 2016-17“ на годинешните EISA Awards
Следна статијаЦрникаво – општествено ангажирана приказна која добро ќе ве насмее
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.