Кој е Игор Христов?

Се започна 1976 како љубов помеѓу моите родители. Јас сум им бескрајно благодарен што ми овозможиле да израснам во личност за која вие пишувате денес. Уште од основно училиште се насочував кон природните науки, па без двоумење се запишав во средното училиште Орце Николов. Во тој период, тоа беше насочено електротехничко училиште. Потоа  продолжив на ЕТФ и  го завршив електротехничкиот факултет.

Во текот на кариерата променив неколку работни места и функции во Македонија, но и надвор од неа.  Токму тоа ми овозможи во животот да имам широк поглед на работите. Најдобро знам да решавам проблеми преку поврзување на кутии и ова го искористив и во моите проекти.  Тоа го донесе мојот успех.

Како почна приказната со 4VIRTUS, а како со Fueloyal?

4VIRTUS се роди како идеја на едно мое патување во Словенија.  Ние многу брзо се етаблиравме како едни од пионерите во онлајн присуство и дигиталниот маркетинг во Македонија.

Јас секогаш сум се залагал за креирање и работа врз сопствени производи, па така во 2012 го креиравме брендот beeclever.mobi (едукативни игри за деца од предшколска возраст). Со него победивме на ВИП натпреварот за најдобра андроид апликација.

Преку работата и квалитетот што го испорачувавме, го запознав и Јурица за кој што работевме софтвер за управување со флота. Тој веќе доволно го познаваше транспортниот бизнис и сите проблеми со кои се соочуваа транспортните компании во Америка. Еден од најголемите проблеми беше управување со набавките на гориво и негова кражба. Започнав со едноставно истражување на индустријата за која што ништо не знаев. Ги истражував постоечките технологии и на кој начин тоа да го спакувам во решение кое ќе биде едноставно за користење, независно од возилото, а и напојувањето. Таков уред не постоеше на пазарот и започнавме со развојот на прототипот. Првата бета верзија ја направивме многу брзо. Сепак, усовршувањето на истото и негово тестирање беше макотрпно и чинеше многу пари.

Сега од оваа перспектива можам да кажам дека направиме одлична работа и успехот на FUELOYAL беше неизбежен.

Зошто се занимавате токму со IoT (Интернет На Нештата)?

IoT е актуелна тема овој период и еден од најбрзорастечките сегменти од ИТ. Гледаме голем потенцијал во интернет на нештата или како што љубиме да кажеме Internet of Everything (IoE). Трендот ќе продолжи и во наредните неколку години до 2020, а во неговиот пик сакаме да го направиме и нашиот потенцијален излез, односно продажба на компанијата на стратешки инвеститор.

Како иновиравте со паметното капаче и како оди продажбата на продуктот?

Првата верзија веќе успешно ја продадовме и се користи на американскиот пазар. Развивањето на втората верзија на производот се состои во корекција на некои од функциите што сме ги увиделе, како и на надоградување на работи кои ни беа посочени од нашите бизнис советници од Techstars програмата. Овие совети одат во насока на predictive analytics, односно да воочиме што е она што ќе се бара на пазарот уште пред корисниците да го побараат тоа.

Какви совети имате за идните млади претприемачи и дали е лесно да се биде претприемач?

Идните претприемачи треба да се охрабрат да почнат со работа и гласно да зборуваат за својата идеја. Тука на Балканот има некоја фама околу тоа дека некој може да ја украде нивната идеја, но нема потреба од тој страв. Најважното нешто е напорна работа и егзекуција. Ако секој може да ја реплицира, тогаш тоа не е доволно добра идеја да го промени светот.

Друго, во нашиот регион сите мислат дека парите се најважни и дека немаме пристап до истите. Да не се разбереме погрешно, парите се важен дел, меѓутоа многу поважно е да ја имате идејата и да знаете како да ја реализирате.

Успешната приказна за нашиот стартап е во тоа што имаме голема визија.  Имаме одличен тим на луѓе со различни професионални профили кои ги покриваат сите полиња потребни за успешен бизнис, од технологија, до маркетинг, продажба и секако јасна цел каде се гледаме во следните 5 години. Не постои успех преку ноќ. Би препорачал таквите приказни да се остават на страна и да се работи само континуирано и посветено.

Скоро добивте нова инвестиција од TechStars. Раскажете ми нешто за тоа.

Покана добивме уште пред една година кога го отворија TechStars Berlin. Ние ја испративме официјалната апликација, меѓутоа тие бараа да бидеме присутни три месеци внатре во акцелераторот. Во тој момент бевме во фаза на развивање на нашиот производ и не беше возможно да заминеме. Дополнително, пазарот кој го таргетиравме не е европскиот, туку американскиот.

Затоа заминувањето во Берлин не беше приоритет. Во меѓувреме добивме уште една покана, овојпат за програма во нивната канцеларија во Њујорк. Колега од тимот веќе беше во Америка, оствари средба со нив на која не’ известија дека се вклопуваме во две од нивните програми: за мобилност и за IoT.

Официјалната програма започна во октомври 2016 и ќе трае до јануари 2017 со демо ден на кој се презентираме пред околу 1.500 инвеститори.

TechStars е неверојатна институција која не може лесно да се опише. Главните бенефити се тоа што те учат да бидеш ефективен, да донесуваш брзи одлуки, да грешиш, но и брзо да се коригираш и да направиш компанија која ќе работи глобално и може да се носи со големите компании. Во исто време добиваш мрежа од неверојатни ментори и инвеститори кои имаат желба и можност да ти помогнат во секој момент.

Нешто што не сме ве прашале, а сакате да ни кажете :)

Многумина ме прашуваат како постигнувам со двете компании, многуте различни обврски и сите патувања. Затоа сега ќе кажам нешто што можеби звучи како клише, но за мене е пресудно: најголемата поддршка пристигнува од најблиските: сопругата и двете деца кои се генератор на целата позитивна енергија што ја добивам и понатаму ја дистрибуирам кон моите соработници. Без нив и нивната поддршка немаше да успеам на мојот пат и мојата цел.

Претходна статијаHuawei Honor Magic има “Edge” дисплеј, моќни спецификации и „вештачка интелигенција“
Следна статијаАутомобили Гроуп новиот овластен увозник на Jaguar & Land Rover за Македонија и Косово